Ослободени српските специјалци обвинети за бунт во 2001 година


Специјалниот суд во Белград денеска ги ослободи поранешните припадници на Единицата за специјални операции (ЈСО), кои беа обвинети за „организирање вооружен бунт“ во 2001 година.

Судот изрече едногласна одлука за ослободување на поранешниот командат на ЈСО, Милорад Улемек – Легија, кој не беше присутен на изрекување на пресудата, како и поранешниот припадници на единицата Звездан Јовановиќ, Веселин Лечиќ, Драгиша Радиќ, Владимир Потиќ, Драгослав Крсмановиќ и Миќа Петраковиќ.

Главниот судија на Судскиот совет, Драгомир Јерасимовиќ, рече дека ослободителната пресуда е донесена по детално испитување на материјалните докази и сведочења, врз основа на кои е констатирано дека „не станувало збор за бунт, туку за протест“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, тој се повика и на транскрипт од владината седница со која во тоа време претседавал премиерот Зоран Ѓинѓиќ, на која било заклучено дека безбедноста на државата не е загрозена и дека наместо бунт се користел зборот „протест“.

Во прилог на пресудата, тој рече дека Владата не прогласила вонредна состојба и дека безбедносните служби не биле ставени во борбена готовност.

Јерасимовиќ изјави дека високи членови на „Сурчинскиот клан“ сведочеле врз основа на индиректни докази во текот на постапката.

– Дека немаше вооружен бунт зборува и тоа како се однесуваше државата Турција во една таква ситуација, а овде такви реакции немаше, рече судијата.

На изрекување на пресудата присуствуваше и лидерот на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ, кој пред заседанието изјави дека очекува ослободителна пресуда.

Во првите реакции од пресудата се јави поранешниот потпретседател на српската Влада Жарко Кораќ, кој оцени дека и покрај ослободителната пресуда, тој смета дека ЈСО во 2001 година организирала вооружен бунт и дека Судот со ваква пресуда пратил многу опасна порака.

Според обвинителниот акт, ЈСО од 9 до 17 ноември 2001 година откажала послушаноста на командата, ги повлекла своите припадници во центарот во Кула, ги прекинала комуникациите со командата и во повеќе наврати ги отфрлила барањата на министерот за внатрешни работи Душан Михајловиќ и на премиерот Зоран Ѓинѓиќ да прекинат со бунтот.

Оперативниот дел на ЈСО со борбени возила и со вооружени лица во два наврати блокираше патишта – на 10 ноември автопатот Нови Сад-Суботица, а на 12 ноември на автопатот низ Белград, во близина на „Сава центарот“.

На овој начин, како што се наведува во обвинението, јасно е демонстрирана подготвеноста на ЈСО за насилство, ако не се прифатат нивните барања за разрешување на тогашниот министер за внатрешни работи Михајловиќ, на шефот на Државната безбедност Горан Петровиќ и неговиот заменик Зоран Мијатовиќ.

Бунтот на ЈСО беше означен како вовед во атентатот врз Ѓинѓиќ, за што 40 години затворска казна добија Милорад Улемек – Легија и Звездан Јовановиќ.