Орце Камчев ќе се изначека да стане почесен конзул на Бугарија во Македонија


Бизнисменот Орце Камчев најверојатно нема да дочека да стане почесен конзул на Бугарија во Македонија. Според неофицјални информации, многу малку е веројатно Министерството за надворешни работи да одговори позитивно на барањето на официјална Софија.

Со оглед на тоа дека при дипломатските именувања важи максимална дискреција, се очекува МНР да ја остави постапката отворена толку долго што ќе биде порака дека неговиот избор е неприфатлив.

Претходниот месец, бугарската влада го назначи Орце Камчев за почесен конзул во Македонија и испрати до македонското Министерство за надворешни работи барање за егзекватура.

Камчев, кој од реномираниот економски магазин Форбс беше прогласен за најбогат Македонец, на 29 август 2016 година беше на распит во Специјалното јавно обвинителство.

Камчев до февруари 2017 година беше еден од сопствениците на МПМ, пропаднатата медиумска компанија, која е предмет на истрага на СЈО како најголемиот донатор на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2013, со околу 250.000 евра.