Од среда до недела три саемски манифестации на едно место


Во среда во комплексот ВИП Арена „Борис Трајковски“ почнуваат 15. Саем на градежништво и 8. Саем на недвижности „RealExpo“, како и 44. издание на „Технома“ кој ги обединува компаниите од металургијата, електрониката, енергетиката и неметалите.

На површина од околу 5.000 квадратни метри ќе се претстават околу 70 компании од Македонија, Србија, Хрватска и Грција, а посетителите ќе имаат можност на едно место да ги разгледаат понудите на градежните компании и банките и да ја согледаат моменталната понуда на пазарот на недвижности.

Во програмскиот дел ќе се одржат низа дебати и презентации со акцент на еко-енергетиката, технолошките иновации, иновциите во градежништвото, но ќе се дебатира и за вработувањето во сектори кои допрва ќе се отвараат на македонскиот пазар на труд.

Како и секоја година, во програмскиот дел ќе се одржи и „Макинова“ на која ќе бидат презентирани последните достигнувања, пронајдоци, иновации, нови технологии и производи, индустриски дизајн и трговски марки. Како изложбен дел на „Макинова“ ќе биде „Еконова“ која ќе се претстави на темата на иновации, пронајдоци и идеи чија цел е подобрување на животната средина.

Програмски партнер на саемските манифестации е Програмата за поддршка на зелена економија на Европската банка за обнова и развој преку која се обезбедуваат средства за инвестиции во енергетски ефикасни технологии. Проектот може да го користат сите оние кои градат нови фамилијарни куќи или ги реновираат своите станови и куќи.  

Работното време на саемите е од 10 до 19 часот. Билетите ќе чинат 80 денари, а за групни посети по 40 денари.