Одрон од земја и камења причина за незгодата на возот кај Падалишта


Од првичниот увид на внатрешната контрола на Македонски Железници по незгодата која утринскиот воз на релација Кичево- Скопје ја имаше кај селото Падалиште има оштетен мотор и излетување од шините. За среќа во оваа незгода нема повредени лица.

– Возот навреме е тргнат од станицата во Кичево. Композицијата налетала на одрон и карпа и за среќа нема повредени лица. Наскоро се очекува да биде направена и проценка на штетата, изјави Спире Најдески од внатрешната контрола на МЖ.

Според објаснувањата на контролорите кои вршеа увид, местото кое се наоѓа помеѓу двата тунела кај село Падалиште е подложно на одрони и ерозија. За да се избегнат вакви непријатни ситуации, на овој терен треба почесто да се вршат контроли и потенцијалните одрони навреме да се санираат. Според нивните кажувања, одроните особено во овој период се зачестени и потребна е дополнителна претпазливост. Заради ваквата опасност, машиновозачите низ овој реон возат со намалени брзини.

Во патничкиот воз 71201 (шинобус) утрово околу 6:05 со педесетина патници налетал на одрон од земја и камања. Патниците биле префрлени до гостиварската станица. Од ударот композицијата излетала од шините, а сообраќајот на релацијата Гостивар-Кичево е во прекин.

Во текот на денот се очекува специјални машини да го вратат возот на шини и да се озовозможи редовен сообраќај.