Обвинител во косовското Специјално обвинителство поднесе оставка


Обвинителот во косовското Специјално обвинителство, Елез Блакај поднел оставка пред два дена, објавија денеска приштински медиуми.

Главниот обвинител на Специјалното обвинителство ја потврди информацијата, но нагласи дека не знае причина за неговата оставка.

Косовскиот весник Коха диторе објави дека Блакај поднел оставка поради закани што ги добивал за време на работата.

– Блакај постојано се жалел дека добивал закани за време на работата. Тој исто така се жалел и на недостиг од институционална поддршка, изјави неименуван извор, објави УНМИК во својот прес клипинг.

Весникот наведува дека Блакај истражувал и поднел тужби за неколку случаи што се однесуваат на тероризам и неодамна истражувал злоупотреби со листите на воени ветерани, јави Танјуг.