Нова колекција „Саја“ на Антонија Ристовска: Жената македонка низ векови со модерен призвук
„Саја“ е новата модна колекција на дизајнерката Антонија Ристовска за сезоната пролет-лето 2018.
-Поттикната од раскошот на невестинските носии што ја красел жената македонка низ векови наназад, создадов колекција за современата жена. За колекцијата ме инспирираа мотиви од Очи од Зобан (елек), опрегач Јумаклија и мотиви од делови од Саја. Колекцијата е наменета за жена, девојка, која ја носи нераскинливата врска со минатото, која е апсолутно присутна овде и сега со проекција за својата иднина. Содржи нежни и младешки парчиња, секое од нив инспирирано од македонските народни носии и облеки. Доколку погледнете одблиску, ќе забележите инспирација на пантолони од машки пантолони, крој на тоалета инспириран од народен невестински елек, и секако самите дизајни на материјалите. Гореспоменатите делови од носии ме инспирираа да создадам современи дизајни во разиграни бои кои одговараат на духот на колекцијата, вели Ристовска.
Дизајните се печатени на природна свила и се изработени од соработниците во Италија. Секој модел е надополнет сo рачно изработен накит од срма, бисери, монисти и цветови.
-За заштитни лица на колекцијата ги земав моите ќерки, во знак на семејството како интегрален дел од традицијата и пренесување на нашето културно богатство на помладите генерации преку опуштена и разиграна фотосесија. Фотосесијата е направена во Македонската Филхармонија која исто твори и допринесува кон збогатување на македонскиот фолклор и култура и беше совршената локација за заокружување на овој проект, вели Антонија. (Л.С.)
Фото: Ж. Чулиќ
Модели: Елена Ристовска и Ања Ристовска
Шминка: Васе Доковски
Фризура: Студио Фран
Проектот е поддржан од Министерството за култура на РМ