Нова демократија-најпопуларна политичка сила во Грција


Грчката опозициска конзервативна партија Нова демократија и натаму е најпопуларна политичка сила во Грција. Има предност од девет процентни поени пред владејачката Коалиција на радикалната левица (СИРИЗА), покажува последното истражување на јавното мислење во земјата.

Според анкетата на агенцијата „Пулс“, изработена за грчката телевизија „Скај“, доколку сега се одржат избори во грчкиот Парламент ќе влезат пат партии, меѓу кои не е сегашниот коалициски партнер на СИРИЗА во Владата, партијата Независни Грци, која не би го добила потребниот број гласови за минување на изборниот цензус.

Според анкетата, Нова демократија ужива поддршка на 28,5 отсто од граѓаните, а СИРИЗА  на 19,5 проценти. Изборниот праг би го минале уште и левоцентристичкото Движење за промена со поддршка од 8 отсто, екстремно десничарската Златна зора со 7.5 проценти и Комунистичка партија на Грција за која би гласале 5.5 отсто од анкетираните.

Засега далеку по три процентниот изборен праг се десничарската Независни Грци и Сојузот на центристите со по 1.5 проценти поддршка.

На прашањето, која личност е најсоодветна за премиер, 31 отсто одговориле дека тоа е лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, 22 проценти се определиеле за Алексис Ципрас, додека 39 отсто од анкетираните сметаат дека „не е ниту еден од двајцата“.

Половина од испитаниците (50 отсто), сметаат дека сега не е време за избори. На прашањето кога е најдобро, за економијата и општо за земјата, да се распишат избори, 37 проценти сметаа веднаш, 36 отсто на крајот од мандатот на владата, а 14 проценти – „подоцна“.

Во однос на случајот со грчките војници кои се во притвор во Турција, откако поради лошите временски услови пред две седмици залутаа и по грешка влегоа на турска територија кај реката Марица, мнозинството од анкетираните сметаат дека тое е „многу важно прашање“ (62 отсто), „доста важно“ оцениле 16 проценти, два отсто сметаа дека е „малку важно“, а еден отсто дека „многу малку“ или „воопшто не е важно“.

Пет од десетмина анкетирани или 51 отсто го оценуваат негативно начинот на кој грчката Влада се справува со целото прашање со војниците.

На прашањето дали работите во Грција во последните шест месеци одат во правилна или погрешна насока, 63 отсто одговориле дека одат во погрешна, а 25 проценти во позитивна насока.

Истражувањето е спроведено од 11 до 13 март и со него биле опфатени 1.304 лица од цела Грција.