„Нема да преживеам“: Новинарите во страв поради притисоци во редакциите


„Новинарот на Телевизијата БН, Владимир Ковачевиќ синоќа е физички нападнат во Бања Лука, а поради здобиените повреди побарал медицинска помош“. „Зачудени сме од начинот на кој бил извршен нападот, сметаме дека тој бил организиран и добро испланиран, а негова главна цел била загрозување на животот на новинарот Ковачевиќ, како и да се запре неговата професионална работа во БН ТВ“, реагира Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.

Ова е најновиот и не редок пример со што се се соочуваат новинарите во вршењето на својата професија. Најдрастичниот пример за загрозување на безбедноста на новинар во 2018 година, освен нападот на Ковачевиќ, се случи во Црна Гора кога во мај новинарката Оливера Лакиќ е ранета пред зградата во која што живее, со истрели од огнено оружје.

Годинава во регионот, според базата на податоци на Платформата, воглавно преовладуваат вербалните напади и закани. И оваа година, како и претходната, најмногу напади и закани врз новинари се забележани во Србија.

Што се однесува до вербалните и физичките напади, оваа година, според податоците нешто е помирна ситуацијата во Македонија, во која е забележан само по еден случај на физички напад и обид за застрашување.

На Западниот Балкан, Регионалната платформа евидентирала вкупно 32 случаи на заплашување, два напади на имот, еден инцидент со апсење новинар и три пријавени примери на дискриминација.

Новинарите од регионот, освен физички напади, не помалку се соочуваат и со притисоци во редакциите, мали плати, навреди, цензура и автоцензура… а најлошо нешто е што стравот е заеднички за сите нив.

„Јас повеќе не умеев да се опуштам. Во редакцијата бев ужасно нервозна, ретко разговарав со луѓето, а кога ќе се вратев дома, не можев да спијам. Се будев среде ноќ, бидејќи бев под стрес, како ќе излезе текстот што сум го напишала. Имав таков вид на стрес што не е нормален, а тоа е да немаш доверба во тоа како ќе излезе твојот текст и во кој контекст ќе биде ставен. Бев нерасположена и нервозна и се срамев кога се запознавав со нови луѓе, кога требаше да кажам каде работам… (Новинарка од дневен весник во Србија)

Ова е едно од сведоштвата на новинари што се наоѓаат во публикацијата „Невидливо насилство: стории од редакциите“, изработено од пет новинарки од регионов. Низ повеќе од педесет интервјуа со колегите вработени во јавни, комерцијални и непрофитни медиуми, тие до јавноста ги доближуваат притисоците со кои се соочуваат новинарите од Македонија, Србија, Косово, Црна Гора Босна и Херцеговина, а како што велат, стравот е заедничко за сите нив.

Новинарството го обединува личниот интерес, интересот на професијата, и општиот интерес. Социологот Среќко Михајловиќ вели дека од новинарите се бараат одговори кои самото општество како целина не може да ги даде. „А доколку новинарите молчат, тогаш се прашуваме зошто молчат“?

Одговорите на прашањето „Што е новинарот денес?“ најдобро ја покажаа состојбата на духот и на џебот на новинарите-професионалци од регионот: „Новинарите се рудари што работат за да преживеат“, „Новинарот (во Србија) е застрашен и послушен“, „Новинарот секојдневно се бори со ветерници“, „Новинарот е борец против цензура, автоцензура и притисоци од сите страни“, „Новинарот е синдикалец“, „Новинарот денес е се што не смее да биде“, „Новинарот е некој меѓу Дон Кихот и Сизиф“, „Новинарот е потрошна стока“…

Новинарката Билјана Секуловска, една од авторите на истражувањето, тврди дека новинарите многу често се понижувани, обезвреднувани, малтретирани, понекогаш и сурово од самите уредници, и поради тоа крајното прашање е како новинарите можат да се извлечат од оваа ситуација – доколку пред се бидат солидарни и доколку не молчат.

Вели дека 90 проценти од новинарите во ова истражување молчеле, или инсистирале да бидат анонимни, и упати повик сите новинари да го кренат својот глас и да се борат за своите права, за слободата на медиумите и за сопствената слобода.

– Новинарот е уморен, навредуван, понижуван, притиснат, не може да преживее. Новинарите се плашат, стравуваат за себе, за својата професија. И сите инсистираат да бидат анонимни, вели новинарката Билјана Секуловска, една од автори на публикацијата.

Според неа, новинарите молчат пред се поради политичките притисоци и стравот од уредниците, но и поради немањето работнички права.

– Новинарите се плашат од своите уредници затоа што можат да ја изгубат својата работа, затоа што се плашат дека нема да можат да најдат работа, тие се понижени, малтретирани, обесправени, со нивните мизерни минимални плати, додава Секуловска.

Истражувањето покажува дека дури 70 проценти од новинарите во регионот би ја смениле професијата, а главни причини за тоа се ниските плати – 42 отсто, додека на второ место е цензурата во редакцијата – 15 отсто. На прашањето дали се слободни јавно да зборуваат за притисоците со кои се соочуваат во редакцијата, 32 отсто одговориле дека не сакаат.

Секуловска вели дека главното прашање во истражувањето било дали новинарите можат да се занимаваат со својата работа.

– Прашањето е комплексно и има две причини, пред се има политички притисоци, притисоци во редакциите од страна на уредниците, сопствениците, а на прес-конференции од политичарите, рече новинарката Билјана Секуловска, една од авторите на публикацијата.

Според неа, второто прашање е за политичките права, односно правата на новинарите, неможноста да работат во нормални услови, неможноста да земаат достоинствена плата.

Според Драган Секуловски од ЗНМ, досега има нула процесуирани случаи за цензура, нула случаи за говор на омраза, нула случаи за мобинг…, што според него, е показател за односот на власта во Македонија кон загрозеноста на новинарите. Инаку, на 7 септември Основниот суд Скопје го прогласи за виновен и му одреди затворска казна од шест месеци на лицето кое ја нападна новинарската екипа на А1он на протестите „За заедничка Македонија“ минатата година.

За Жарка Радојa, новинарка од Србија од порталот Контрапрес, не може да постои слободно општество со исплашени новинари.

Таа вели оти додека го правеле истражувањето, не биле свесни за количината страв што новинарите го имаат додека се занимаваат со својата работа и оти општествата во кои новинарите се плашат од својата работа, не можат да се наречат слободни општества.

– Тоа што го знаевме од почетокот е дека постои автоцензура, постои цензура, различни видови притисок, но она што навистина не го очекувавме е овој степен на страв кај колегите, не очекувавме дека не се слободни да зборуваат за ситуацијата во која работат. Мислам дека поради самата улога на новинарството во општеството, не може да се зборува за слободно општество ако новинарите не се чувствуваат слободно кога се бават со својата работа, вели Радоја.

Посочува дека ситуацијата во медиумите во Србија од година в година е се полоша, а за тоа, рече, најдобро говорат истражувањата на релевантни меѓународни новинарски организации, и организации за заштита на човекови права.

– Што се однесува до резултатите од истражувањето, ситуацијата во Србија е многу слична на ситуацијата во останатите четири земји. Новинарите се соочуваат со цензура, мобинг, неостварени работнички и други права, немаат доволно слобода да се занимаваат со својата работа, вели Радоја.

Уна Хајдари од Косово вели дека таму проблемот е што нема новинарски синдикати кои би се бореле за правата на новинарите и оти се уште постојат етнички поделби во оваа фела, што придонесува новинарите да не се солидаризираат меѓусебе за остварување на своите права.

– Во последните неколку месеци дури и постојат некои иницијативи од страна на Асоцијацијата на новинари на Косово да соработува со Здружението на новинари од Косово и Метохија. Но со самите називи можете да претпоставите за што се работи. Новинарите кои работат за медиумите на српски јазик, тие се под покровителство на Здружението на новинари на Србија, додека другите имаат свое здружение во Приштина. Едните покриваат теми актуелни за Србија, другите, теми актуелни за Косово и тука има етнички проболем кога се во прашање новинарските права и досега не се променило ништо на ова поле, вели Хајдари.

На Косово, појасни таа, се уште нема функционален синдикат, додека Здружението на новинари поминало низ многу тешки фази во изминатите неколку години и е многу неактивно по прашањето за новинарските права. Тие буквално треба да нудат и правна помош на новинарите кои ќе им се обратат за помош.

– Тоа е минимално и на многу ниско ниво, дури и до таа мерка што е познат случајот кога еден новинар доби закани од политичар откако објави снимки од разговорот на шефот на парламентарната група на најголемата партија кај нас, тој потоа му се закануваше на новинарот и дури и го пријави новинарот дека со таа сторија му наштетил на угледот. Значи политичарите кај нас се толку дрски, што мислат дека можат да ги тужат новинарите кога пишуваат негативни текстови за нив. А текстот во овој случај беше во целост поддржан од снимките што сите ги слушнаа и ги видоа, вели Хајдари.

Јавни сервиси – цензура и автоцензура

Цензура и автоцензура, дискриминација поради професионално извршена работа, притисоци преку уредништвото врз содржините на програмата, вработување на „неновинари“, кои се дел од партиските структури, негативна селекција, односно избор на „прифатливи“ извршители на работата, се само дел од проблемите што ги набројуваат новинарите вработени во јавните медиуми во Македонија, Србија, Косово, БиХ и Црна Гора.

Од интервјуата на новинарите во регионот, авторите заклучуваат дека притисокот што вработените во медиумите го трпат, влијае на нивниот професионализам и не се одвива само од надвор, со политички и со економски средства, туку и од внатре. За ваквите притисоци во јавноста малку се зборува, иако тие за директна последица ја имаат јавноста, која не добива навремени, целосни, па ниту точни информации, се наведува во публикацијата.

Јавните сервиси во регионот им служат на политичките елити, иако нивната независност е загарантирана со закон, а регулаторните тела, во сферата на медиумите, се перцепирани како слаби, неефикасни и политички контролирани. Ова е еден од заклучоците на регионалното истражување „Слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Западен Балкан“, објавено во 2016 година.

Ситуациите, две години подоцна, според извештаите на организациите што ја следат состојбата на медиумите, не е подобра, а за тоа најдобро сведочи фактот што мал број новинари се одважија, со име и со презиме, да зборуваат за работните услови во редакцијата, без оглед на тоа дали во меѓувреме, ја смениле таа редакција, наведуваат авторите на публикацијата.

Според соговорникот вклучен во истражувањето од Косово, новинар од јавниот сервис Радио-телевизија Косово (РТК), цензурата и автоцензурата станале составен дел од работата. „Прилозите што ги нагласуваат недостатоците, грешките и манипулациите на владејачките партии, а особено ако на некаков начин се поврзани со Демократската партија на Косово (ПДК), се строго забранети“.

Сите јавни сервиси во овие пет земји имаат синдикати, но тие најчесто се неефикасни и водени од политиката на незамерување, поради што новинарите не се заинтересирани да се вклучат во нивната работа. На дебатата беше посочено, сепак, дека најсилни синдикати има во Македонија и во Црна Гора.

Според зборовите на извршната директорка на Центарот за истражување на јавни политики Тања Јакоби, која работеше на истражувањето „Од новинар до надничар. Несигурна работа и живот“, новинарите се луѓе кои, додека пишуваат за правата на другите, се најмалку свесни за своите права.

Новинарите, пак, кои работат во непрофитни медиуми, често имаат хонорарни договори, не им се плаќа осигурување, а работат и повеќе од осум часа дневно. Покрај новинарската работа, тие пишуваат и проекти и ги работат сите други административни работи, типични за невладините организации.

Заклучокот е дека секое општество што се грижи за поголем простор за слобода за секој човек, треба да го поттикнува медиумскиот плурализам, да обезбеди амбиент во кој медиумската сцена ќе се развива, а медиумите на граѓанското општество ќе обезбедат стабилно финансирање и со тоа ќе ја остварат својата улога.