Недела на мексикански филмови во Кинотека


Од денеска до среда, во Кинотека на Македонија се одржува Недела на мексикански филмови, со шест наслови од мексиканската кинематографија на 21. век.

„Со почетокот на новиот милениум, мексиканската кинематографија повторно стана една од најпочитуваните во светското филмско семејство. Или, во најлош случај, еден од најбогатите и најквалитетни расадници на филмски автори, кои последнава деценија и пол циклично загосподарија на церемониите на доделувањето на Оскари во Холивуд, Златни палми во Кан и Златни лавови во Венеција“, велат од Кинотеката.

Ревијата започнува вечерва во 20 часот со „Студентот“ во режија на Роберто Гираулт, утре е „Половината на светот“ на Хаиме Руис Ибањес, па следуваат „Сифражетките“ на Ана Крус Наваро (недела), „Земјата на тишината“ на Карлос Армела (понеделник), „Во папокот на небото“ на Карлос Гомес Оливер (вторник) и „Добар ден, Рамон“ на Хорхе Рамирес Суарес (среда). Сите филмови се со македонски и англиски превод.

Картите за проекциите се бесплатни, но потребна е резервација на билетарницата на Кинотеката.