На парламентот му гори, Џафери не се симнува од авион


Претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, никако да се симне од авион. Додека шефот на државата Ѓорге Иванов враќа закони на повторно гласање како кусур на каса во маркет, создавајќи му притоа на парламентот дополнителни главоболки во трката за донесувањето на неопходните регулативи до почетокот на претседателската кампања на 1 април, Џафери продолжува со започнатата турнеја во земјите каде што се одвива ратификацијата на Протоколот за нашето членство во НАТО.

Во период од неполн месец Џафери беше во Љубљана, Тирана, Софија и Подгорица. Откако заврши со регионот, собранискиот спикер, кој од земјите кои досега го ратификуваа протоколот единствено не беше во Хрватска, ја смени маршрутата во малку подалечна насока. Тој денеска ќе присуствува на чинот на ратификација во парламентот на Романија, а веќе утре ќе биде во литванскиот Сејм, каде што ќе се обрати пред тамошните пратеници.

Протоколот за членство во НАТО беше потпишан на 6 минатиот месец во Брисел, за два дена подоцна Грција да биде првата земја што го ратификуваше, согласно договорот од Преспа. Него ќе треба да го ратификуваат уште 23 земји членки, меѓу кои и Велика Британија и Канада, каде што пристапувањето на нова држава во НАТО го одобрува владата.

Од Собранието велат дека Џафери планира да присуствува на ратификацијата во сите парламенти каде што ќе добие покана. Честите патувања на спикерот, тврдат од парламентот, не се одразуваат на работата на законодавниот дом, каде што вчера заседаваа две комисии – за политички систем и однос меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија. Нова собраниска седница немаше закажано.

Динамиката на ратификацијата на протоколот се одвива брзо, што зборува за поддршката на земјите членки (постапката е отпочната и во американскиот Конгрес). Тоа, според познавачите, е донекаде очекувано, но, како што велат, неочекувана е намерата да се присуствува на ратификациите во сите земји членки. Досега праксата не била таква. Државата, освен што се изложува на дополнителни трошоци, кои доколку се исполни нормата од 29 посети, сигурно ќе изнесуваат над стотина илјади евра, се доведува и до ситуација законодавниот дом да биде парализиран додека му гори под нозе.

И претседателите на парламентите на Хрватска и Црна Гора, во периодот кога овие две земји го чекаа ратификувањето на протоколот (2016 и 2008 година), присуствувале на неколку чина, но ни оддалеку тоа не го правеа со ваков интензитет. Одлуките за ратификација на Лука Бебиќ и Дарко Пајовиќ често им ги врачуваа амбасадорите на земјите членки во Хрватска и Црна Гора.

Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, смета дека ратификацијата на протоколот за НАТО може да се искористи како изговор да се посети одредена држава, како што беше сега случајот со Романија која е претседавач со Европската Унија.

„Но ваква интензивна динамика на посети, што очигледно значи дека ќе ги изредиме сите земји, за мене е најблаго речено изненадување. Вакво нешто не се случуваше ниту во периодот на најинтензивно проширување кога седум земји, Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка, Словенија, паралелно го одеа патот кон полноправно членство кое се случи во 2004 година. Очигледно воспоставуваме нов тренд. Ратификацијата во парламентите на земјите членки на НАТО може да ја искористиме за да одбележиме нешто посебно во билатералните релации со одредена држава, но тоа треба да претставува исклучок. А, не исклучокот, беспотребно како сега, да го претвораме во принцип“, вели Ружин.

Наум Котевски