Најтешката животна битка на Сани: На зрели години повторно учев да одам
По три месеци прикованост за кревет, борба со патерици и повторно застанување на нозе, ексманекенката и проект-менаџер Снежана Богдановска-Сани повторно се врати на модните и јавните настани во Скопје. По падот на влезот на скопски ресторан, дијагнозата – фрактура на бутна коска и успешната операција од страна на д-р Виктор Камнар, Сани продолжува со животот, посилна од кога и да е.
– Незгоди се случуваат секојдневно. Никој не е имун и никој не знае што носи мигот. Падови и издигнувања се секојдневна битка. Но кога падот е толкав што ви руши сѐ дотогаш изградено во не така краткиот животен век, подигнувањето не е ниту лесна ниту едноставна задача – раскажува Јаначковска, која неодамна беше проект-менаџер и селектор при реализацијата на ревијата со домашни дизајнери во Музејот на Македонија, „Дизајн накитен со минатото“, во организација на „Добредојде Македонија“, а поддржана од американската амбасада во Скопје.
Да бидеш инспирација и мотивација барем на еден човек, тогаш твојот живот бил вреден за живеење – е мислата водилка во животот на Сани, чија емисија за мода на „Телма“, „Меѓу човекот и сонот“, беше единствена кон крајот на 90-тите години.
– До скоро тоа значеше јасно поставена цел за мотивирање и инспирирање на моите врснички за квалитетен живот во овие зрели години, со артикулирање на нивната вредност преку грижа за своето тело подеднакво како и на духот. Па, колку и да се чинеше тоа настојување како максимално вложен труд и напор, сепак, изгледаше природно, логично и едноставно преку личен пример. Но од неодамна животот ми постави потешка задача во мојата животна мисија. Одново достигање од самиот почеток со бебешки чекори на ново-старата цел – извлекување на оптимумот од своите животни потенцијали, во секоја смисла – духовна, емотивна, но и физичка. И она што дотогаш било радост на живеењето одеднаш станува борба за нов живот. Фениксово издигање од пепелта. Звучи можеби премногу драматично, но за некој со таков целосно изгубен животен влог тоа е повеќе од драма – раскажува Јаначковска.
Со скоро 35 години континуирано активно учество на модната сцена, со постојано ангажирање во сите аспекти на полето мода, со тотален респект и одговорност кон етикетата „манекен“, која доживотно се носи, сознанието за прикованост за кревет, борбата со патериците и повторното застанување на нозе го доживувала повеќе како изневерување на довербата која ѝ е дадена отколку само како возможна немила случка. Емотивната болка е поголема од физичката. Повеќе како срамење што си „дозволил“ да ти се случи тоа токму тебе отколку како животна реалност.
– „Човек е покршлив од јајце и посилен од челик во исто време“ – камо среќа да немаме можност за практична потврда на ова сознание. Но кога судбината ќе ти го втурне директно во лице нема друга опција освен стихот на Радјард Киплиг „…да го гледаш падот на сѐ она што во живот ти значело. Да се наведнеш и да градиш пак со изабена рамка… ќе бидеш човек“ и едноставно одбираш да бидеш човек. Па, иако животот е движење и прифаќање на секојдневна промена, постојат животни топоними кои ќе ти го испревртат животот во толкава мера што не можеш повеќе да се препознаеш себеси. Сосем реално, зашто едноставно повеќе и не си истиот. Сега носиш лузна и однадвор и однатре – вели Сани.
Во тој миг на немоќ, збунетост, неверување, страв и болка нема зборови што можат да го искажат тој емотивен коктел.
– Единствената опција не е првичната мисла зошто, туку како? Како најефикасно да се санира штетата? Како најлесно да профункционираш? Како најбрзо да се вратиш на она што ти значи „нормално“? Како да ги елиминираш погледите на сожалување, но и да го ублажиш чувството на грижа на најблиските? Одговорот е едноставен, но и прашање на среќа во несреќа. Вербата во себе и сознанието дека го имаш најдобриот доктор чие исполнување на ветувањето „Ќе те застанам на нозе за два месеца“ ги изненадува сите освен тебе самиот. Безрезервна верба во прогноза која отиде и малку подалеку, па се покажа и како повторен чекор на писта. Од неподвижност до „манекенски од“ за неполни 3 месеци. Несреќи се случуваат, но и среќи во несреќи, исто така – ја завршува својата приказна Снежана.
Лејла Сабит Фото: С. Соколовски