Најскапата ревија се враќа дома: „Викторијас сикрет“ на 8 ноември во Њујорк
САД– По Шангај и Париз, најпрестижната модна ревија на светот се враќа дома. Ревијата на американскиот бренд на долна облека ќе се одржи на 8 ноември во Њујорк.
Лани, на најскапата модна ревија во годината, имаше рекорден број на девојки од Азија – вкупно седум модели, што е најмногу во историјата на брендот. И годинава се најавени ветеранките од престижната модна писта , Бехати Принсло, Кендис Сванепол, Лили Олдриџ, Јасмин Тукс, Лаис Рибеиро… Неизвесно е учеството на Џиџи и Бела Хадид и Кендал Џенер. Не се познати ниту учесниците во музичкиот дел.
Капсулна колекција на ревијата ќе промовира британската дизајнeрка со грчко потекло Мери Катранзу.
Градникот на фантазиите кој чини 2 милиони долари лани го носеше Бразилката Лаис Рибеиро. Биле потребни 350 часа за да се изработи, а изгледот на градникот беше надополнет со декорација со скоро 6.000 скапоцени камења.
Модното шоу на „Викторијас сикрет“ лани беше следено од 1,4 милијарди луѓе.