Најпопуларна пластична операција: Изглед како Иванка Трамп
Познат пластичен хирург открил дека сѐ повеќе жени сакаат да изгледаат како првата ќерка на американскиот претседател Доналд Трамп: од лани пораснал бројот на барања за изглед „Иванка“. Д-р Норман Роу забележал дека 50 отсто од клиентките од минатото лето бараат операција која тој ја нарекол „Иванка“: се работи за операција со која жените сакаат да изгледаат слично на Иванка Трамп. Нагласени јаболчици, тенок нос и големи очи станаа посакувани откако лани започна кампањата за претседател на САД и кога 35-годишната Иванка се најде во фокусот заедно со семејството.
– Никогаш претходно не ми доаѓаа жени инспирирани од нејзиното лице, а сега имам барем еднаш неделно таква операција – вели д-р Роу.
Таков изглед може да се постигне на два начина: со неинвазивни операции, како што се привремени филери и ботокс или, пак, оние трајните со инпланти и ринопластика. Таква операција не е евтина. Времена промена на изгледот чини од 2.500 до 4.500 долари, а трајната од 30 до 40 илјади долари.
Иванка Трамп не е инспирација за жените само со изгледот. Таа е самоуверена и моќна жена која е дел од претседателското семејство. Веројатно сакаат да бидат како неа, барем потсвесно, изјавил познатиот пластичниот хирург кој додал дека баран изглед е и оној на ѕвездата од реалните шоуа Кајли Џенер.
Жените во Македонија сакаат да личат на себе, мажите на Клуни
Жените во Македонија кои ги посетуваат домашните клиники за пластична хирургија сакаат да личат на себе. Да ги коригираат недостатоците, пред сѐ на лицето, ама да не се познава. Немаат светски пример на дама што сакаат да ја копираат, велат познатите македонски доктори за пластична хирургија. Тие побогатите, пак, ги избираат клиниките во странство. Најбарани се операциите за зголемување или намалување на градите и абдоменопластика која се врши откако пациентот ќе ослабне премногу, па стомакот му виси.
Мажите во Македонија сакаат да личат на актерот Џорџ Клуни или да имаат уши на боксерскиот шампион Мајк Тајсон, велат докторите. (Л.С.)