Најмногу се гине во сабота


Шеесет и петгодишна жена од Битола и 69-годишен кумановец се најновите жртви на македонските патишта. Тие загинаа во саботата околу 11 часот во сообраќајна несреќа што се случи во близина на селото Ропотово на регионалниот пат од Прилеп до Македонски Брод. Уште три лица се повредени во судирот меѓу три возила, соопшти полицијата.

Најмногу се гине во саботите, во јули и во периодот од 16 до 18 часот, покажуваат статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи. Вообичаено, најчестите причини се брзото возење, непочитувањето на сообраќајните знаци и прописи, како и алкохолот.

Градските улици се најчестото место каде што се случуваат сообраќајните несреќи со тешки последици. Во 2.560 несреќи во 2017 година случени во градска средина животот го загубиле 42 лица, а 3.495 биле повредени. Следни на црната листа се локалните, па регионалните патишта.

Кога се во прашање деновите, најмногу загинати имаме во саботите: 25, по што следуваат петоците и неделите со по 21. Значи, викендите се најопасни“, потврдуваат од полицијата.

Во јули има 24 загинати, во август 15, во јуни 14, во мај 8, а во јануари само двајца, што значи дека во летните месеци треба особено да се внимава кога се вози.

Кога е лето, луѓето се поопуштени, но и помалку спијат, патуваат ноќе кога одат на одмори со цел да ги избегнат горештините и сето тоа се одразува на нивната кондиција“, предупредуваат социолозите.

Логично, најголем дел од сообраќајките со трагични последици се случија на територија на Скопје (35), по што следуваат Битола (27) и Струмица (18), а на дното од црната листа се Кратово, Гевгелија, Ресен, Деми Хисар, Дебар и Кратово со по еден загинат.

Како што рековме, најголем дел од несреќите се случуваат во периодот од 16 до 18 часот, кога луѓето се уморни по работниот ден, по што следуваат периодите од 12 до 14, односно од 18 до 20 часот. Изненадувачки, најмалку несреќи се случуваат од 22 до 24 часот“, велат од полицијата.

Кога е во прашање возраста, најголемиот дел од жртвите имаат од 41 до 64 години (52), од 25 до 40 години (34) и над 64 години (33), но има и четири деца на возраст до 14 години.

Во просек, „данокот во крв“ на македонските патишта го плаќаат по 160-170 граѓани. Во 2013 година тој број изнесуваше рекордни 198. Од 2010 година досега, во сообраќајни несреќи загинаа повеќе од 1.300 лица.

Последните години има одреден тренд на намалување, но тоа не е доволно. Треба сите заедно да работиме за следната година да имаме намалување“, апелираат од Републичкиот совет за безбедност на патиштата.

Се апелира до возачите, како и до останатите учесници во сообраќајот да внимаваат и да се приспособуваат на условите на патот – особено сега кога е зима, да не консумираат алкохол или други супстанции, да возат одморени и задолжително да го проверат своето возило пред да тргнат на пат. (Г.А.)