Над осумдесет години затвор за напаѓачите на Села


Кире Георгиевски, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов, Александар Јаневски-Тошта, Оливер Ошавковски и Николче Димитриевски се осудени на вкупна затворска казна од над 80 години бидејќи, според образложението на пресудата, со умисла се обиделе да го убијат Села.

Највисока затворска казна од 13 години и шест месеци доби обвинетиот Никола Војминовски, а на 13 години затвор се осудени Александар Јаневски-Тошта и Кире Георгиевски. Другите се осудени на казни затвор од 10 години и шест месеци. За ова кривично дело е предвидена затворска казна од пет до 20 години затвор.
Војминовски и Тошта добија највисоки затворски казни бидејќи токму тие го извлекле Села од групата пратеници и го предале на агресивната маса.
„Нивните дејствија претставуваат услов без кој не се може, односно доколку пратеникот Зијадин Села не бил извлечен од групата пратеници, не би бил изложен на сите напади и удари“, рече судијката.
Повеќе години затвор му се досудени и на Кире Георгиевски бидејќи го удирал Села врз главата кога веќе не давал знаци на живот.
Висината на затворските казни произлегува и од тоа што кривичното дело се случи во Собранието, врз пратеник, претставник на законодавната власт. Обвинетите, според образложението на пресудата, со самото влегување во Собранието биле свесни за она што може да се случи внатре во законодавниот дом.
Од доказите кои беа изведени за овој случај судот констатира дека обвинетите во толпа на 27 април минатата година, вечерта по 19 часот, влегле во Собранието. Се упатиле во прес-центарот на Собранието каде што се наоѓале пратениците, а каде што бил и Зијадин Села. Почнале да ги напаѓаат пратениците со тупаници и кон нив и нивното обезбедување фрлале и замавнувале со држач на камера, подлога од фотелја и други предмети.
Кога Села паднал зашеметен од ударите со раце и нозе, монитор од компјутер, стап, Андреј Мицов, маскиран со фантомка, го удрил со нога во главата.
Александар Јаневски-Тошта на знак на Војминовски, кој му рекол „дај го ваму“, го извлекол Села и веднаш им го предал на напаѓачите. Војминовски го повлекол за палтото и заедно со други непознати лица го извлекле на средината на салата цело време удирајќи го со тупаници и боксови.
Сите обвинети, освен Кире Георгиевски и Тошта, заедно со други засега непознати лица го собориле Села на подот и почнале да го газат, гмечат, влечат и шутираат со нозе и да го маваат со тврди предмети по главата и телото.
Кога Села веќе не давал знаци на живот, Тошта со други лица го дигнале и го носеле во ходникот пред прес-центарот. Таму им се приклучил и Кире Георгиевски кој кажувал што му се случило на Села и се заканувал дека тоа ќе ги снајде и другите пратеници.
И Коста Делов во ходникот го удрил Села со нога во телото, а кога го симнале на приземје, Ошавковски почнал да го снима со својот телефон и да вика: „Маме му ебам, вади го надвор, за цуцето надвор, кај си бе курле¬?, „А бе пукаат на нас…“.
Сепак, покрај овие обвинети, во нападот врз Села учествуваа и други лица кои не седнаа на обвинителна клупа. Адвокатот на Села, Абидин Абдули, кој е законски застапник на оштетениот, очекува во септември да биде покренато ново обвинение за непознатите лица кои се гледаат на снимката, која беше доставена како дополнителен доказ од страна на обвинителството.
„Процедурата за тие лица кои се гледаат на последната видеоснимка е во истражна постапка и очекуваме во септември да има ново обвинение, бидејќи во моментот кога беше покренато обвинението за овие лица, немаше докази за другите“, изјави Абдули по изрекување на пресудата.
По крвничкото тепање, лекарите едвај го спасија Села, од ударите имаше воздух во мозокот и черепната празнина, нагмечување на черепот и мозокот, крвни подливи и скршена носна коска. Уште во воведниот збор, неговиот адвокат рече дека за овој напад бара отштета од 500 илјади евра, односно половина милион.
До правосилноста на пресудата, сите обвинети ќе останат во притвор, петмина во затворот во Шутка, а Никола Војминовски и Александар Јаневски-Тошта во куќен притвор поради здравствени проблеми.
Иако адвокатот на Мицов побара да му биде одреден куќен притвор поради неговите здравствени проблеми што ги имал во притвор, сепак судот го одби барањето со образложение дека терапијата може да ја добива во затвор.
Обвинетите имаат право на жалба до Апелацискиот суд.
Судењето за упадот во Собранието, кој во колективната меморија ќе биде запаметен како „крвавиот четврток“, е закажано за 22 август. Судијката Добрила Кацарска ќе им суди на триесетина обвинети, меѓу кои и на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, петтемина пратеници, Љубен Арнаудов, Љупчо Василевски, Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски.
На обвинителна клупа ќе седне и Александар Василевски-Нинџа кој по неколку месеци бегство сам се пријави во затвор, а се товари дека по повик на неговиот брат кој го обезбедуваше поранешниот премиер Никола Груевски, од Виена, организирал најголем дел од луѓето да влезат во Собрание.
По речиси една година од упадот беше покренато обвинение против триесетина лица, но не и против нарачателот. Последниот одговор од обвинителството е дека се преземаат предистражни дејствија за целосно расветлување на настаните од Собрание.
„Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува со спроведување на предистражни дејствија и во моментов во согласност со закон не може да сподели повеќе детали за нив“, велат од обвинителството.

Партијата на Села смета дека казните се мали
Алијансата за Албанците не се согласува со пресудите за обидот за убиство на лидерот на оваа партија Зијадин Села на 27 април минатата година. Според партијата, висината на казната не е во согласност со делото што го сториле обвинетите. Алијансата проценува дека судот треба да го разгледа фактот дека е нападнат партиски лидер, избран пратеник од народот и глава на фамилија.
„Сметаме дека казните требаше да бидат максимални, многу повисоки од овие. Исто така, во овој контекст, ние веруваме дека судскиот процес треба да ги најде нарачателите на 27 април, за и тие да се изнесат пред правдата и да ја добијат заслужената казна“, изјавил портпаролот на партијата.

Фросина Факова Серафиновиќ