Мостот на Црна Река го поткопала надојдена вода


Еден од средишните столбови на железничкиот мост на Црна Река е поткопан, а причината е испуштање големо количество вода во реката од Тиквешкото Езеро. Бетонскиот мост, кој се наоѓа помеѓу станицата Градско и крстосницата Кукуречани, кај локалитетот Стоби, беше главната врска на железничката релација од Велес кон Гевгелија на Коридорот 10. Тој е затворен за сообраќај бидејќи не е безбеден, заради што и возовите на оваа релација засега не сообраќаат.

Според првичниот увид, кој во понеделникот го направиле експерти од Градежниот факултет, заедно со „Македонски железници – инфраструктура“, високата вода е причината за поткопување на темелите на еден од столбовите, што довело до сериозно оштетување на мостот. Според професорот на Катедрата за бетонски и дрвени конструкции на Градежниот факултет, Тони Аранѓеловски, врз основа на првичниот визуелен увид во штетата е одлучено мостот да остане надвор од употреба.

„Оштетувањата на еден од средишните столбови, заради големиот прилив на вода од езерото, се многу сериозни. Одлуката дали оштетувањето ќе може да се санира или ќе треба да се гради нов мост ќе биде донесена откако ќе се оформи тим што ќе изврши увид во документацијата и откако подетално ќе се разгледаат оштетувањата на столбот“, вели професорот Аранѓеловски.

Тој информира дека експерти од Катедрата за челични конструкции на Градежниот факултет во моментов ја разгледуваат и опцијата дали ќе може патниот мост преку Црна, кој е од челична конструкција, да се употреби како алтернатива за пренасочување на железничкиот сообраќај.

Оштетувањето, според информациите од „Македонски железници – инфраструктура“ настанале кога нивото на реката пораснало на пет од постоечките 1,7 метри, а притисокот на надојдената вода ги поткопал столбовите на бетонскиот мост.

„Последните 30 години немало случај на надоаѓање на толку големо количество вода одеднаш. Направивме анализи и испитувања на оштетувањето и веќе имаме финална идеја што треба да направиме. Ќе одиме на брза санација и се надевам дека за 15 до 20 дена ќе биде ставен во употреба. Тоа ќе значи ограничена употреба, додека во меѓувреме бараме и друга опција или, пак, додека се изгради нов бетонски или челичен мост“, вели директорот на „Инфраструктура“, Ирфан Асани.

Патничкиот сообраќај е во прекин од Велес до Гевгелија, а „Македонски железници – транспорт“ за патниците кои имаат месечни билети обезбедува автобуски превоз. Товарниот транспорт, пак, кон и од Грција е целосно отсечен, а компаниите што го користат се веќе информирани и ја користат алтернативата низ Бугарија. Ова за „МЖ – транспорт“ може да предизвика сериозни загуби, ако се има предвид дека компанијата само од превоз на стоки заработува над милион евра месечно. Товарниот превоз најмногу го користат наши компании за транспорт на суровини и нафта преку солунското пристаниште, но и за извоз на готови производи. Железничкиот Коридор 10 е значајна врска и за грчките компании што пласираат во Европа бидејќи е најкратка врска.

Во „Македонски железници – транспорт“ велат дека деновиве се во очекување на информации колку време ќе трае прекинот на железничкиот сообраќај по Коридорот 10. Во меѓувреме, вели директорот Шабан Зендели, се испитува и можноста за времено користење на помошен мост преку Црна Река, за да не се прекине целосно товарниот и патничкиот превоз, но и за комбиниран превоз преку Битола.

„Во саботата наш вработен, машиновозач, кој управуваше со товарен воз кон Грција нè информира дека забележал, при преминувањето преку мостот, дека пругата е вдлабната. Веднаш ги алармиравме надлежните и сообраќајот ќе биде прекинат сè додека не се санира проблемот“, вели Зендели и посочува дека во меѓувреме, возовите што сообраќаа на релација Скопје-Гевгелија и Гевгелија-Скопје ќе сообраќаат само до Велес и обратно.

Мостот е изграден во 1970 година и досега бил во добра кондиција. Последната проверка е направена во 2008 година, а секоја година се дијагностицираат сите параметри на сите мостови и на пругите.

Сања Наумовска