Могерини: Балканскиот самит во Софија ќе биде исклучително важен


Европската претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини денеска оцени дека претстојниот самит на Европската унија и земјите од Западниот Балкан во Софија ќе биде исклучително важен, јави бугарската новинска агенција БТА.

– Средбата ќе биде показател дека ЕУ и нашите партнери од Западен Балкан не споделуваат само географска област туку и заеднички цели. Целиот регион има европска ориентација. Гледаме колку е Западниот Балкан блиску поврзан со Европа и сметам дека во интерес на западниот Балкан, но и на целата ЕУ, е да работиме врз база на доверба и тие да имаат надеж за европска перспектива, изјави Могерини на денешната неформална средба на министрите за одбрана на ЕУ која ја организираше бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Самитот меѓу ЕУ и балканските земји ќе се одржи на 15 мај во Софија. Бугарија во моментов претседава со Европскиот совет.

За време на самитот, Могерини, Каракачанов и другите министри разговарале за Постојаното структурно партнерство во одбраната – ПЕСКО – проект на ЕУ за подобро координирање на европските безбедносни сили и создавање на европски одбранбени механизми. Могерини рече дека ПЕСКО води кон подобра соработка меѓу ЕУ и НАТО што ќе овозможи полесно распоредување на одбранбените сили во рамните на ЕУ и надвор од неа.