Мирел: Македонија требаше да биде одвоена од Албанија за преговорите со ЕУ


Поранешниот генерален директор за проширување на Европската Комисија, Пјер Мирел, во интервју за МИА објаснува дека Македонија требаше да биде одвоена од Албанија за доделувањето датум за старт на преговори и вели дека жали поради одлуката на Франција да го одложи овој процес, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Албанија, за која всушност не е толку страшно да се одложи за една година, каде процесот на “ветинг“ е сѐ уште во тек и не е голем проблем, а за Еди Рама не беше тешко. Правам разлика со Македонија, за која за да се помогнат шансите за референдумот ќе беше совесно да се отворат преговорите и жалам што Франција зазема таква позиција. Макрон вели дека треба внатрешни реформи, да тоа добро го знаеме, но реформите можат да се прават паралелно со пристапните преговори, вели Мирел во интервјуто за МИА.
Поранешниот директор е категоричен дека следната година земјите членки нема да го блокираат датумот за преговори за Македонија, без разлика на изборните резултати на европските избори во мај.
Според Мирел не е исклучено Македонија да помине пред Србија кога ќе започнат преговорите со ЕУ, но тој предупредува дека е важно Европската Комисија да се држи до таканаречениот “нов пристап“ во преговорите.
Според новиот пристап земјите кандидати ги отвораат прво поглавјата кои се однесуваат на правната држава и судството, но освен тоа тој пристап налага и многу подлабока контрола на имлементацијата на реформите.
-Тоа веќе се наоѓа во акциските планови 23 и 24 за Црна Гора и Србија, но извештаите покажуваат дека не е тоа тоа. Последните извештаи и за Црна Гора и за Србија тоа го покажаа. И ова е клучна точка: ако ЕК се држи до овој принцип, тогаш може да имаме изненадувања во брзината и напредокот во процесот, затоа што може да треба многу повеќе време од што е предвидено. Затоа што не станува збор само за усвојување закони, туку и нивно спроведување на терен, вели Мирел за МИА.