Министерство за култура: Ќе се менува начинот на финансирање проектите
До донесување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата веднаш да се пристапи кон промена и дополнување на постојниот закон за културата во делот на одредбите со кои се регулира финансирањето на културата. Тоа е договорено на вчерашната средба на министерот Асаф Адеми со претставници на иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“, кои на прес-конференција завчера реагираа за резултатите од Годишната програма за 2019 година.
Во работната група за промена и дополнување на постојниот закон за културата ќе се вклучи и член од иницијативата, соопшти Министерството за култура, посочувајќи дека министерот Адеми во целост се согласува со укажувањата на културната јавност за недостатоци во начинот на финансирање и оценување на годишните конкурси и ја поддржува иницијативата за интервенција во сегашниот закон, во меѓупериодот до донесување на новиот закон.
Министерството во соопштение наведува дека активно ќе учествува на јавните дебати кои иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ ќе ги организира за да се разговара и да се утврди модел за распределбата на буџетот во културата по дејности. На јавните дебати ќе се разгледуваат и ќе се востановат критериуми за учество и оценување по годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата.
-Договорено е да се утврдат строги критериуми кои би биле специфични по дејности. Министерот Адеми и претставниците на иницијативата се договорија на јавен и транспарентен начин да се извршат промени на старите категории по дејности и категоризацијата да се усогласи со европските и светските модели и практики за финансирање на културните активности, информира Министерството за култура.
Адеми ги информирал за веќе донесената одлука – дека комисиите по дејности ги преиспитуваат одбиените пријави и, во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави со формални недостатоци им се дава можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација.
Во иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ се вклучени Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“, „Театар на Навигатор Цветко“, кино „Култура“ – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура, „Факултет за работи што не се учат“ (ФРЧУ) /„АКТО“ – Фестивал за современи уметности, Интерарт културен центар – „Танц фест Скопје“ и Скопје танцов театар и „ПМГ рекордингс“.