Меланија Трамп во Египет: Првата дама ги виде пирамидите во Гиза


Египет-Во колонијален сафари стил, Меланија Трамп (48) слета во Каиро, Египет, на последната станица од самостојната петдневна турнеја низ Африка. На аеродромот во Каиро ја пречека првата дама на Египет, Интисар Амер ал-Сиси која ја придружуваше и на посетата на пирамидите во Гиза.

Доналд Трамп, пак, уште не ја посетил Африка, откога стапи на претседателската функција во 2017 година.

Меланија ја користи нејзината прва посета на Гана, Малави, Кенија и Египет за да ја промовира нејзината иницијатива „Биди најдобар“ која се фокусира на подобрување на условите на децата. Нејзиното добротворно патување се случува на само неколку месеци откако Доналд Трамп употреби вулгарен термин за континентот, по што уследи жестока критика од јавноста заради наводен расизам од страна на претседателот.

„Мислам дека патувањето на првата дама ќе покаже дека Американците, американската политика и администрацијата се повеќекратни и повеќе од само две или три пораки на Твитер“ изјави за Гласот на Америка Џон Кембел од Советот за надворешни врски.

Администрацијата на Трамп повика на значително намалување на програмите за хуманитарна помош за Африка. Сепак ваквите барања беа блокирани од страна на Конгресот.

Самостојните патувања се традиција кај првите дами на САД. Мишел Обама во 2010 сама го посети Мексико, а следната година и Африка. Лора Буш, исто така, патуваше сама неколкупати, а првата посета ѝ беше во 2002 година на Европа.

На патувањето низ Африка, Меланија доби и одлични модни критики со изборот на гардероба која беше во боите на Африка и практична, но и скапа во однос на изборот на луксузни брендови.