МВР: Контроли се вршени во Автомото здружението Гостивар како и во другите правни лица со ваква дејност


Министерството за внатрешни работи вршело контроли и во Автомото здружението Гостивар, како и во другите правни лица што вршат ваква дејност. Ова го истакнуваат од МВР отфрлајќи го како дезинформација изнесеното на прес-конференција од партијата ВМРО-ДПМНЕ во врска со контролите во Автомото здружение Гостивар.

-На 04.04.2018, согласно програмата за работа на Секторот за сообраќајни работи во Бирото за јавна безбедност, извршена е редовна контрола над „Авто мото здружение Гостивар“ и утврдени се недостатоци и  пропусти во работењето, односно утврдено е дека не се обезбедува видео запис од возила што извршиле технички преглед, што е спротивно на чл. 8 од Правилникот за технички преглед на возила и поради тоа од страна на МВР е донесено Решение за изречена мерка – Забрана да врши технички преглед на возила и неправилноста да ја отстрани во рок од 30 дена. Правното лице го отстранило недостатокот и писмено го известило МВР дека тоа е направено, по што стручни лица од МВР извршиле повторен надзор и констатирале дека недостатокот е отстранет, за што се изготвени записник и службена белешка. Откако е констатирано дека недостатокот е отстранет, на 15.8.2018 е донесено решение дека правното лице може да продолжи со работа, бидејќи ги исполнува законските услови, појаснуваат од МВР.

Апелираат до политичките партии да не шират дезинформации и шпекулации и да не се обидуваат да ја злоупотребат оваа трагедија и да остават институциите да ги утврдат причините за овој трагичен настан.

Претходно на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ,членот на ИК на партијата, Орце Ѓорѓиевски побара МВР да ја утврди причината за несреќата во која загинаа 15 луѓе. На прес-конференцијата тој запраша зошто станицата за технички преглед Авто мото здружение Гостивар, добила забрана за вршење на технички преглед од страна на Министерството за внатрешни работи, но само по неколку дена вршен е нов надзор и решението за забрана им е поништено. Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат зошто министерот дозволил нов надзор за неколку дена, иако по закон е изречена забрана за вршење на технички преглед во времетраење од 30 дена.

Ова здружение е во сопственост на компанијата „ДУРМО ТУРС“, чиј автобус излета од патот Скопје – Гостивар, при што загинаа 15 луѓе.