МВР демантира дека е уапсен третиот напаѓач на Саздо
Од Министерството за внатрешни работи ги демантираат гласиштата дека е уапсен третиот напаѓач на Никола Саздовски (21), кој почина откако крвнички беше претепан на автобуска станица во скопската населба Автокоманда. Во притвор се Б.Б. (20) и С.Д. (21), додека по Ј.Љ. (19) се трага. Тие се товарат за насилство, но Основното јавно обвинителство остави можност делото да биде преквалификувано. Од таму ги демантираат нстписите по порталите дека вчера сведочел клучен сведок, напротив, објаснуваат оти секојдневно се водат разговори, се вршат вештачења, се бараат докази да се утврди што точно се случувало петокот на 29 јуни околу 17.30 часот на автобуската постојка на булеварот „Александар Македонски“.
Погребот на младиот навивач на Вардар е извршен денеска на гробиштата во Ракотинци. Неговите другари, во изјави за „Независен весник“, сведочат дека младиот Саздо бил следен еден месец, добивал закани по живот, а нападнат бил во моментот додека шетал со девојката. Се здоби со тешки повреди, на кои што им подлегна по десет дена минати во кома на скопските клиники.