Мауро Икарди останува во Интер
Капитенот на Интер Мауро Икарди ќе остане во миланскиот клуб и следната сезона, соопшти потпретседателот на клубот, Хавиер Занети.
Претходно се појавија гласини дека за 25-годишниот фудбалер се заинтересирани Јувентус, Реал Мадрид и Челзи, но ниту еден од овие клубови не беше подготвен да даде 110 милиони евра, колку што изнесува неговата излезна клаузула.
– Кога имате врвен играч во тимот, очекувано е да доаѓаат понуди, но Икарди е капитен и двигател на играта. Среќни сме што го имаме и не сме загрижени поради спекулациите околу трансферот бидејќи изрази желба да остане и да игра во Лигата на шампионите, истакна Занети.
Икарди сезонава беше најдобар стрелец во Серија А со 29 голови, но и покрај овој резултат не доби место во аргентинската репрезентација за Светското првенство во Русија.