Маркано потпиша со Рома за три години


Централниот дефанзивец Иван Маркано денес официјално стана фудбалер на Рома. Триесет и едно-годишниот поранешен играч од Порто пристигнува кај „волците“ како слободен агент.

Дефанзивецот вчера вечерта пристигна во Италија, а утринава успешно ги поминал медицинските тестови.

„Фудбалскиот клуб Рома со задоволство го објавува привлекувањето на шпанскиот дефанзивец Иван Маркано. Тој потпиша тригодишен договор кој ќе важи до 30 јуни 2021 година. Договорот, исто така, вклучува опција за четврта година – клаузула која автоматски ќе се активира кога ќе се исполнат одредени услови“, соопштија од клубот.

Маркано ги помина последните четири сезони во Порто, и сега нема да ги чини ни евро „римските волци“.

Шпанецот е втор трансфер на Рома. Во понеделникот, тимот од Вечниот град го објави привлекувањето на хрватскиот талент Анте Чориќ од Динамо Загреб.