Македонски пар казнет во Србија: „Не знаев дека треба да го пријавам личниот накит“


Незнаење дека треба да се пријави и личниот накит или обид за шверц на злато? Македонски брачен пар останал без злато вредно околу 13.000 евра при обид да влезат во Србија. Според белградските весници, сопружниците со македонски пасоши, управувајќи автомобил со германска регистрација, пристигнале на граничниот премин Прешево. На прашањето дали имаат нешто да пријават, тие одговориле негативно.

Но, по детален преглед на возилото, во женска чанта под совозачкото место, цариниците и полицајците пронашле несесер полн со златни нараквици, прстени, ланчиња и обетки, со вкупна тежина од над 660 грама.

„Патничката рекла дека во прашање е нејзиниот личен накит и оти не знаела дека треба да го пријави, но тоа не ја ослободува од одговорност, бидејќи имала обврска да ги пријави драгоценостите што ги носи со себе“, тврдат од Царинската управа на Србија.

Накитот е запленет, а македонската државјанка доби и парична казна.