Македонски бизнисмени во Атина на средби со грчки колеги


Делегација на Стопанската комора на Македонија денеска во Атина ќе учествува на еднодневен бизнис форум и и билатерални средби со грчки стопанственици. Бизнис форумот го организира Стопанската комора на Македонија во соработка со Атинската трговско-индустриска комора во насока на интензивирање на економската соработка меѓу двете држави.

Во составот на делегацијата од Стопанската комора на Македонија ќе има претставници од компании од градежништвото, металната и прехранбената индустрија и трговијата.

Компаниите ќе имаат можност да ги презентираат своите интереси за соработка и можностите за инвестирање, а по завршувањето на официјалниот дел, ќе можат да остварат и директни средби со грчки компании од соодветните дејности.

Грција е втор трговски партнер на Македонија. Вкупната трговска размена на Македонија и Грција за периодот јануари – септември изнесува 748,1 милиони американски доалри и бележи пораст од 24,9 проценти во споредба со истиот период лани. Извозот е во вредност од 171,4 американски долари со пораст од 9,8 отсто споредено со периодот јануари – септември 2017 година, а увозот изнесува 576,7 милиони долари со пораст од 30,2 отсто.