Македонските возачки дозволи ќе важат и во Германија


Постигнат е договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија. Се очекува договорот наскоро да стапи во сила, иако никој не сака да прогнозира кога точно тоа би можело да се случи.

Билатералниот договор меѓу Македонија и Германија за меѓусебно признавање на возачките дозволи е постигнат, велат извори на ДВ. Отстранети се последните пречки и со тоа македонските државјани што живеат или работат во Германија ќе можат да ги заменат своите матични возачки дозволи за германски.

Тоа е особено важно како за македонските државјани кои имаат постојано живеалиште во Германија, но и за оние што често патуваат во земјата, бидејќи досега правото да управуваат со моторно возило во Германија го имаа само во првите шест месеци од престојот, а потоа мораа да полагаат одново возачки испит – што нашите граѓани ги чинеше и пари и време.

Државите од Балканот кои не се членки на ЕУ потпишуваат билатерални договори со Германија за регулирање на ова прашање. Србија и Босна и Херцеговина веќе извесно време имаат такви договори, но Македонија немаше, јавува „Дојче веле“.