Македонец рекордер: За 17 години „заработил“ 166 пријави поради кражби на автомобили


Секторот за внатрешни работи – Скопје поднесе кривична пријава против Н.К. (35) од Скопје поради сомнение за сторени три кривични дела одземање моторно возило, со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 580.000 денари.

Инаку, Н.К. е познат сторител на имотни деликти за што, во периодот 1997 до 2014 година, му биле поднесени вкупно 166 кривични пријави по однос на овој вид криминал.

– Пријавениот, првото кривично дело го извршил на 16 овој месец во периодот од 12 до 19.30 часот на паркинг-просторот пред Царинска управа на Република Македонија, на ул. „Лазар Личеноски“ во Скопје. Тој влегол во незаклучено моторно возило „Фолксваген Поло“, ги пронашол клучевите, го стартувал возилото и заминал во непознат правец. Одземеното возило било пронајдено четири дена подоцна од страна на полициски службеници и било вратено на оштетениот.

Второто кривично дело Н.К. го извршил на 20 овој месец околу 1.30 часот на бул. „Партизански одреди“. Тој го искористил невниманието на оштетениот, кој застанал со патничко возило „Мерцедес“ пред аптека и го оставил возилото со клуч во бравата и влегол во аптеката. Пријавениот веднаш влегол во возилото, го стартувал и заминал во непознат правец. Истиот ден, од страна на полициски службеници, возилото било лоцирано на улица „Јужен Булевар“ каде било оставено од пријавениот без регистарски ознаки. За кратко време Н.К. се вратил да го земе возилото по што бил лишен од слобода и однесен во просториите на Полициската станица Центар. Со него бил извршен разговор во кој го признал делото.

Третото кривично дело го извршил два дена подоцна, односно на 22.4, околу 23 часот на улица „Филип II Македонски“. Тој го искористил невниманието на оштетениот кој застанал со моторно возило „Фолксваген Голф“ пред аптека, оставајќи го возилото со контакт клуч во бравата по што влегол во аптеката. Пријавениот веднаш влегол во возилото, го стартувал со клучот и заминал во непознат правец. Наредниот ден околу 3 часот, од страна на полициски службеници, пријавениот бил затекнат како го управува одземеното возило, по што бил лишен од слобода и бил приведен – велат од Министерството за внатрешни работи.