Мавровскиот регион втор ден без струја


Мавровско-реканскиот крај веќе втор ден е без електрична енергија. Проблемот, кој настана во вторникот околу 17 часот поради дефект на 30-киловолтниот далековод, не е саниран, што предизвикува огромен проблем и за жителите и за гостите.

„На температури далеку под нулата и на половина метар снег, навистина е многу тешко“, се жалат мавровци.

Во апартманите „Ана Марија“ во Леуново посочуваат дека нивните гости морале да ја минат ноќта без струја, бидејќи пумпата може да работи на акумулатор додека не се потроши.

Од ЕВН велат дека работат на терен и очекуваат дефектот да биде решен до крајот на денот.

„Како што знаете, имаше срушување на лавина во близина на бензинската станица кај Бигорскиот манастир, на стотина метри од местото каде паднаа околу илјада кубни метри нанос. Денеска временските услови се подобрени, нашите екипи може да се пробијат и очекуваме проблемот набргу да се реши“, ни изјавија од ЕВН.

 

По прекинот на сообраќајот во обата правци на регионалниот пат кон Дебар, сега ситуацијата е подобрена, а исчистен е снегот и околу кружниот пат околу Мавровското езеро.