Лука Дончиќ избран за „ѕвезда во подем“ на Евролигата


Втора сезона по ред Лука Дончиќ од Реал Мадрид ја освојува наградата за „ѕвезда во подем“ на Евролигата. Деветнаесет годишниот талент го повторува стореното од Никола Миротиќ, кој ја освои наградата во две последователни години како играч на „белите“ – во 2011 и 2012.

Дончиќ има неверојатна година до моментов и во 31 натпревар од Евролигата забележува просечно по 16.1 поени, 4.8 скока, 4.4 асистенции и 1.1 украдени топки при 58,3 отсто успех за два поена и 82 процента од линијата за слободни. Просечната оценка му е 21,8, со што е апсолутен лидер на целиот турнир.

Тинејџерот е посочен како потенцијален бр.1 на НБА Драфтот, а оваа можност изгледа уште пореална, откако Игор Кокошков беше назначен за тренер на Феникс. Кокошков беше селектор на Словенија и Дончиќ при освојувањето на историската прва европска титула минатата година.

Дончиќ заврши пред Алберто Абалде од Валенсија Баскет, Матиа Лесор од Црвена ѕвезда, Џони Болден од Макаби Тел Авив и Лука Вилдоса од Басконија, кои се наредија по него во гласањето за најдобар млад играч.

Статистичките показатели на Дончиќ го ставаат под број четири во Евролигата кај стрелците, број 12 кај асистентите и број 11 кај „крадците“.

Лука беше МВП на месец октомври, а тој исто така ја освои наградата МВП на колото четири пати – најмногу од сите играчи на турнирот во сезоната 2017/2018.