Леди Гага се сврши со својот агент


САД- Леди Гага (32), облечена во предимензиониран костум на „Марк Џејкобс“,  во својот говор на доделувањето на наградите „Women in Hollywood“, за магазинот „Elle“, го нарекла своето момче и агент Кристијан Карино (49) „мојот свршеник“.

Гага и нејзиниот агент, заедно се од февруари  2017 година, а јавноста дозна за нив на „Super Bowl“. Пејачката зад себе има една пропадната свршувачка со актерот Тејлор Кини, со кој прекина во јули, 2016 година, поради пренатрупаниот распоред.

Поп-ѕвездата е актуелна со филмот  „Ѕвездата е родена“-режисерско деби на актерот Бредли Купер.

Во филмот леди Гага, позната по својата ексцентричност, игра речиси без шминка. Таа призна на прес-конференцијата на премиерата на Венецискиот филмски фестивал дека успеала да го исполни својот сон „да стане комплетна актерка“.

„Секогаш сум ги сакала трансформациите, да ја сменам својата кожа и ликовите. Тоа е дел од мојата уметност, од мојата музика. Најневеројатното во оваа авантура со Бредли, е дека тој побара да ме види без шминка“, рече Леди Гага, чие вистинско името е Стефани Џерманота.

Бредли Купер, изјави дека веднаш се „вклопиле“ со поп-ѕвездата.

„Ќе излажам ако кажам дека не бев загрижен, кога ќе видиш како изведувач од овој калибар се однесува со тебе како еднаков, тоа те прави посилен“, призна тој.

Леди Гага и Бредли Купер се ко-автори на песните и пеат во филмот. Бредли Купер земал лекции по гитара, пијано и пеење за да се подготви за улогата.

Леди Гага ја освои наградата „Златен глобус“ во 2016 година за нејзината главна улога во „American Horror Story“.