Лавров ја повика сириската влада да разговара со етничките групи


Сириската Влада треба да се раководи од принципот за суверенитет над територијата на својата земја и да води дијалог со претставниците на сите етнички групи, вклучувајќи ги и Курдите. За возврат, етничките групи кои живеат во Сирија треба да го почитуваат територијалниот интегритет на земјата, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на посетата на Словенија.

– Решавање на сите и секакви проблеми кои постојат и кои од време на време се заоструваат, е можно само врз основа на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија. Овој критериум е универзален, рече Лавров, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како може да се реши ситуацијата во сирискиот регион Африн, каде Турција од 20 јануари спроведува воена операција против Курдите.

– Неопходно е сите, без исклучок, надворешни играчи, особено оние кои се присутни во Сирија, да ја сфатат потребата да започнат дијалог со сириската влада во рамките на потврдениот од Советот за безбедност на ОН принцип за суверенитет и територијален интегритет на земјата , изјави Лавров.

– За решавањето не помогна тоа што пред некое време дел од курдското население во северниот дел на Сирија прогласи автономија. За решавањето не помогнаа и активностите на САД и коалицијата предводена од нив што ги помогнааа тие трендови за автономија на Курдите, рече рускиот министер за надворешни работи.

Тој, исто така, ја повика сириската влада да разговара со сите претставници на етничките и верски групи, вклучувајќи ги и Курдите.

– Само така е реално да се очекува да престане крвопролевањето и да започне одржлив процес за решавање на кризата, во текот на кој ќе бидат гарантирани интересите не само на сирискиот народ со сите негови различности, туку и легитимните интереси на сите соседи на Сирија и другите надворешни играчи, рече шефот на руската дипломатија во Љубљана.