Лавина се сруши кај Бигорски манастир – сообраќајот е блокиран


Лавина, поголема од синоќешната, утрово повторно го блокира сообраќајот на регионалниот пат Маврови Анови-Дебар. Во мавровско-реканскиот крај од вчера има прекин во снабдувањето со електрична енергија.

Според информациите на СВР Тетово, утрово околу шест часот, повторно дошло до срушување на лавина во близина на бензинската станица кај Бигорскиот манастир на стотина метри од местото каде синоќа паднаа околу илјада кубни метри нанос.Првичните информации од теренот упатуваат на податокот дека количината од снег, дрвја и земја е неколкукратно поголема од тој синоќа.

По прекинот на сообраќајот во обата правци на регионалниот пат кон Дебар, од вчера во прекин е и снабдувањето со електрична енергија на селата во мавровскиот и реканскиот регион. Првично, проблемот настанал поради дефект на 30 киловолтниот далековод. Тешко прооден е кружниот пат околу Мавровското езеро, каде неколку заглавени возила дополнително го попречуваат одвивањето на сообраќајот на овој патен правец.

По синоќешната лавина со над илјада кубни метри снег, камен и дрвја, сообраќајот на патот Маврово-Дебар беше во прекин околу три часа. Во нејзиното расчистување први се вклучија монасите од Бигорската обител, по што секцијата на ЈП „Македонија пат“ интервенираше со два багера.