Курти за неуспехот во Интерпол: Тачи и Пацоли отидоа во Дубаи како шоумени


Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, по денешниот неуспех на Косово да се зачлени во Интерпол, изјави дека претседателот на државата Хашим Тачи и министерот за надворешни работи Беџет Пацоли денеска не беа во Дубаи како учесници на Генералното собрание на Интерпол, туку „како припадници на шоу-бизнисот“.

Во неговата реакција на Фејсбук, Курти порача дека со истите луѓе кои го претставуваат Косово, не може да се очекува напредок на земјата на меѓународен план.

– По неуспехот за прием во УНЕСКО, Косово доживеа пораз и при обидот да се зачлени во Интерпол. Со овие исти луѓе кои не претставуваат и ни ја водат државата не можеме да имаме други резултати. Во овој пораз имаше се освен случајност, напиша Курти.

Според лидерот на опозициската ВВ, Тачи и Пацоли „не патуваат во странство како одговорни официјални претставници на државата, туку како личности од меѓународниот шоу-бизнис, како што се замислуваат самите себе си“.

– Тачи и Пацоли не беа на Конференцијата на Интерпол во Дубаи. Едноставно, тие беа во Дубаи. Србија и Русија ја завршија нивната шовинистичка работа онака како што ги знаеме отсекогаш, но за овие двајца не знаеме чија работа вршат, напиша Курти.