Потврдени решенијата за притвор на приведенитe за случувања во Собранието


Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ги потврди во целост решенијата на судија на претходна постапка, со кои беше прифатен предлогот на надлежното обвинителство за определување мерка притвор за пратениците Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов, како и мерка куќен притвор за Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска.

– Постапувајќи по жалби изјавени против решенијата на судија на претходна постапка за определување мерка притвор и мерка куќен притвор, а по предлог на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 донесе решение со кое решенијата на судија на претходна постапка со кои беше прифатен предлогот на надлежното обвинителство за определување мерка притвор за К.М. и Љ.А. како и мерка куќен притвор за Ј.Т и Ж.П. ги потврди во целост, соопштија од Кривичниот суд.

Во однос на жалбата против решението на судија на претходна постапка за Сашо Василевски по донесено решение на советот, од Судот велат дека јавноста ќе биде дополнително информирана, а во однос на решението на претходна постапка за Љупчо Димовски не е изјавена жалба од странките.

Апелацискиот суд Скопје,  денеска ги потврди и притворите за режисерот Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски и поранешниот шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски.

Од Апелацискиот суд за МИА потврдија дека на денешната јавна седница адвокатите на притворените бараа укинување на притворот и одредување послаба мерка или куќен притвор.

Дамовски, Јовановски и Ѓошевски добија притвор за учество во настаните во Собранието на РМ на 27 април годинава.