Кривична за поранешниот директор на Катастарот, тој обвинува за хајка


Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основно јавно обвинителство против поранешниот директор на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) С.Т., поради сомневања за злоупотреба на службената положба и овластување. Кривични пријави се поднесени и против Е.Д.А., вработена во АКН како државен советник, Г.Г, исто така државен советник во Агенцијата и С.М. вршител на работи во АКН врз основа на договор за дело.

Во соопштението на Финансиската полиција се наведува дека во текот на 2016 и 2017 година, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, пријавените ја искористиле службената положба и овластување и, без да склучат договор за ангажирање за давање на консултантски услуги со АКН, како физички лица склучиле договори за извршување на консултатантски услуги со Републички геодетски завод – Србија, Белград. Врз основа на извршените консултантски услуги на трансакциските сметки на пријавените пристигнале парични средства од Народна банка Србија во вкупен износ 3.344.828,00 денари, за кој износ пријавените го оштетиле Буџетот на Македонија.

За патувањата во Републичкиот геодетски завод во Србија пријавените отворале патни налози и пријавувале патни трошоци за бензин со користење службени возила, подигале дневници од девизна благајна и сето тоа на трошок на буџетот на Агенцијата за катастар на недвижности.

– Пријавените свесно и со однапред утврдена намера, иако знаеле дека не постои договор за нивно ангажирање од АКН за извршување на консултантски услуги во Републички геодетски завод Србија, ја искористиле својата службена положба и на нивните трансакциски сметки противправно прибавиле вкупно 3.344.828,00 денари по основ на надоместок за консултантски услуги, посочуваат од Финансиската полиција.

Поранешниот директор на АКН Славче Трпески вели дека кривичната пријава против него е неоснована. Пријавата, како што вели, е класична политичка хајка против него. Трпески тврди дека на барање на Светска банка работел на проект финансиран од оваа банка за да го помогне развојот на Катастарот на Србија.

– Со мојот ангажман како советник на катастарот на Србија не е прекршен ниту еден член од ниту еден закон, не сум ја злоупотребил својата позиција, ниту пак сум отворал патни налози или пријавувал патни трошоци за бензин ниту пак сум користел службени возила или подигнувал дневници во функција на овој мој советнички ангажман. Најголемиот дел од мојот ангажман го вршев од Република Македонија користејќи ги модерните алатки за комуникација, додека за одењето во Република Србија исклучително се користеа неработни денови или денови од годишниот одмор а сите трошоци се подмируваа од страна на банката за што постојат докази, се вели во соопштението од Трпески.

За кривичната пријава, тврди дека дознал од медиумите и оти Финансиската полиција од него воопшто не побарала никакви изјави, појаснувања, документација или појаснувања за предметот кој го воделе.