Кривична за ексдиректорот на катастар, тој вели дека не потпишал ништо


Ниту сум изготвил ниту сум потпишал ниту едно решение за унапредување на било кој државен службеник вработен во Агенцијата за катастар на недвижности, во перидот додека ја обавував функцијата, вели поранешниот директор Славчо Трпески, откако полицијата до обвинителството поднесе кривична пријава за незаконски вработувања и унапредувањa во катастарот додека тој бил директор.

„Донесување на решенија за распоредување на државни службеници врз основа на Законска обврска за усогласување со новиот Закон за административни службеници, за кои се обезбедени согласности од Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација и Секретаријатот за рамковен договор, најнеспособниоот директор во историјата на катастарот го пријавува како кривично дело за кое денес на државен празник Министерството поднесува кривична пријава против мене“, стои во реакцијата на Трпески.

Според соопштението на МВР, тој спротивно на Законот за административни службеници унапредил 128 службеници без да спроведе соодветна постапка.

Постојат основи на сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

„Пријавениот С.Т. овие распоредувања ги спровел без да достави барање за започнување на постапка за унапредување на административен службеник до организациската единица надлежна за управување со човечки ресурси во агенцијата, без добиено известување за обезбедени финансиски средства од Министерството за финансии, без објавен интерен оглас на веб страницата на агенцијата, како и без постоење на пријави за унапредување со приложени докази за унапредување, без Комисија за селекција за унапредување, без записник за административна селекција, без записник за спроведени интервјуа со најдобро рангирани кандидати и без одлуки за извршен избор, ниту пак објава на истите на веб страницата на агенцијата, спротивно на членовите 49, 50, 51 и 52 од Законот за административни службеници. Директорот на 29 јули 2016 година донел 128 решенија за распоредување и определување на плата на државен службеник. На тој начин, во наредниот период им овозможил да се стекнат со противправна имотна корист од 7.343.131 денари на штета на Буџетот на Република Македонија.

Пријавениот С.Т., исто така, постапил спротивно на член 5 од Законот за вработените во јавниот сектор. Тој, без да спроведе транспарентна постапка за унапредување на административни службеници и без да го почитува начелото на еднакви услови и еднаков пристап до работно место, донел решенија со кои било извршено унапредување на вработени во агенцијата на повисоки работни места од претходните, со што се зголемиле и личните примања на вака унапредените службеници“, се вели во соопштението на МВР.