Косово само делумно ги повлече царините


Косово ја повлече царината за 16 производи, но зголемените давачки остануваат и понатаму да важат за доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето. Одлуката на косовската влада вчера ја поздравија министрите за земјоделство, трговија и економија на Македонија, Србија и БиХ, како и претставникот од Црна Гора – Љупчо Николовски, Расим Љајиќ, Мирко Шаровиќ и Драгица Секулиќ, кои се сретнаа на состанок во Белград. Тие истовремено побараа земјата веднаш, без одложување, да ги повлече царините и за останатите производи.

Доколку не се случи тоа, министрите донеле заклучок секоја земја да може да воведе соодветни контрамерки, а одлучиле да се формира и оперативно тело заради спречување и решавање на идните трговски бариери во регионот. Министрите испратија и порака дека се против почнување царинска војна во регионот, зашто сите земји, како што рекоа, со тоа губат.

Македонскиот министер за земјоделство Љупчо Николовски ја поздрави средбата и формирањето на оперативното тело кое ќе работи на отстранување на сите трговски бариери.

Овие неколку дена сме во постојана комуникација со властите на Косово. Сметам дека енергијата што ја дадовме досега вроди со плод, Приштина донесе одлука за повлекување на царината од поголем дел од производите. Но, со оглед на тоа дека во сила се мерки за зголемени давачки за дел од производи за кои Македонија има извоз во моментов, бараме укинувањето на одлуката да се случи веднаш. Сметаме дека е потребно итно отповикување на оваа одлука која е спротивна на договорот ЦЕФТА, но и на СТО – изјави Николовски.

Тој информира дека и лани извозот од Македонија во Косово на земјоделски производи само во првите шест месеци бил над 6 милиони евра. Вели дека Владата и Министерството ги разгледуваат и мерките за ублажување на штетите што би ги претрпеле земјоделците доколку мерката не се повлече.

– Анализираме и разгледуваме опции за дополнителни мерки кои се во интерес на земјоделците. Според договорот, од денеска секоја земја си го задржува правото да носи и да презема свои мерки и политики во функција на заштита на домашната економија и на домашното производство – рече Николовски.

Учесниците на денешниот состанок истакнаа дека се залагаат за реформа на ЦЕФТА, со цел олеснување на трговијата на Западен Балкан. Во таа насока е и формирањето на оперативно тело кое ќе работи на ефикасно решавање и укинување на сите трговски бариери кои би се појавувале во регионот. Според српскиот министер за трговија Расим Љајиќ, телото ќе работи до стапување во сила на Протоколот 7 од ЦЕФТА, кој предвидува механизми за решавање на спорови. Сите членови на оперативното тело ќе бидат во постојана комуникација и ќе разменуваат информации, а ќе предлагаат и мерки за олеснување на трговијата.

Повлекувањето на царините ќе биде тема на разговор и на утрешната средба на министерот за економија Крешник Бектеши со неговиот косовски колега, министерот за трговија и индустрија Бајрам Хасани.

– Оваа мерка веќе предизвикува значителна штета за трговијата на споменатите производи, не е во согласност со ЦЕФТА и е во спротивност со Заедничката декларација која се однесува на примена на правилата и постапките на СТО. Во име на досегашната успешна трговска и, воопшто, економска соработка со Косово се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик со мојот косовски колега и дека средбата ќе резултира со решение кое ќе биде од заемен интерес. Уверен сум дека имаме заедничка цел, а тоа е олеснување на трговијата на Западен Балкан, согласно правилата на ЦЕФТА и принципите на слободна трговија – вели Бектеши.

Косово времената мерка ја воведе на 18 јули годинава. Предвидува 30 отсто повисоки царини за увезените овошје и зеленчук ќе трае три месеци и ќе важи за сите држави кои извезуваат на косовскиот пазар.

Сања Наумовска