Косово остро реагира на забраната за косовските каратисти да учествуваат на ЕП во Србија


Одлуката на Србија за забрана на раководството на Косовскиот карате сојуз и косовските каратисти да влезат во Србија, за да учествуваат на  Европското првенство во карате од 10 до 13 мај во Нови Сад, предизвикаа остри реакции во Косово.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај на Фејсбук напиша дека одлуката е „неприфатлива, без преседан и страшен чин“, кој не придонесува за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

Косовскиот заменик премиер Енвер Хоџај одлуката на Србија ја оцени како антиевропска донесена на 9 мај Денот на Европа.

Косовскиот олимписки комитет соопшти дека бил информиран за одлуката од меѓународни извори.

– Нашите каратисти не одат во Нови Сад како туристи, туку се  поканети од Европската карате федерација, се наведува во соопштението КОК.

Косовската делегација беше запрена на границата од страна на полицијата, која ги информирала дека одлуката на српското Министерство за внатрешни работи е забрана за влез во Србија, по што косовските каратисти се вратиле во Приштина

Весникот „Зери“ ја пренесува и реакцијата на српската премиерка Ана Брнабиќ, која изјави дека Србија не ја  прекршила спогодбата од Брисел, туку ја почитува целосно и оти испраќањето екипа со косовски државни симболи е „политичка провокација“.

– Не е побарана дозвола 48 часа однапред, како што е предвидено. Косово може да учествува на првенството само со знамето на Меѓународната карате федерација бидејќи така беше договорено пред еден месец, истакна Брнабиќ.

Според последната информација што ја пренесуваат косовските медиуми каратистите повторно ќе се обидат да влезат на српска територија како обични граѓани односно како што наведуваат „како цивили“.