Брисел се налути: Приштина итно да ги повлече таксите


Европската комисија денеска уште еднаш ја повика косовската Влада веднаш да ја повлече одлуката за зголемување на таксите за увоз на стоки од Србија и од Босна и Херцеговина на 100 отсто, оценувајќи дека тие се провокативни и навредливи.

Портпаролката на високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Кочијанчиќ изјави дека е запозната со оставките на градоначалниците од северно Косово и истакна дека „ЕУ уште од почетокот беше јасна во ставот дека таксите на стоки од Србија и БиХ претставуваат кршење на ЦЕФТА договорот и Договорот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Косово“.

– Властите на Косово мора веднаш да ги повлечат овие мерки. Сите дејства, мерки и изјави кои се провокативни и навредливи се длабоко вознемирувачки и не придонесуваат за дијалогот за нормализирање на односите, изјави Коцианчиќ.

Претставниците на Европската комисија и пред денешната изјава на Коцијанчиќ, реагираа на воведувањето на таксите. Могерини минатата недела побара од косовските власти итно да ја повлечат оваа одлука, а исто го побара и европскиот комесар за проширување Јоханес Хан.

Слична порака испрати и американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој се сретна со косовскиот претседател Хашим Тачи.