Косово: Демаркацијата во рацете на Горанецот Адем Хоџа


Седницата на косовскиот парламент, што ќе биде четврт обид во неполн месец да се ратификува договорот за демаркација на границата со Црна Гора закажана е за утре попладне, во 16 часот.

Но, засега се уште не е обезбеден потребниот број гласови. За изгласување потребни се 80 гласови од вкупно 120, колку што пратеници брои парламентот. Откако пратеничката Доника Кадај-Бујути од „Самоопределување“ се врати во нејзината стара партија Алијанса за иднината на Косово на премиерот Рамуш Харадинај, владејачкото мнозинство има 79 гласови.

„Српска листа“ и пратениците на „Самоопределување“ и оние од отцепеното крило на оваа партијата, кои делуваат како незавини, јавно потврдија дека нема да гласаат, па, како што стојат работите демаркацијата сега е во рацете на Горанецот Адем Хоџа од Единствена горанска партија.

Тоа го потврди и вицепремиерот Енвер Хоџај, кој вели дека Хоџа може да го даде „златниот глас“ што ќе го заокружи прашањето со демаркацијата.

– Адем Хоџа, кој е од Рестилица, општина Драгаш, а е дел од пратеничката група „Српска листа“ се сретна со разни претставници. Јас последните денови сум немал средба со Хоџа за оваа тема, но имав средби со други претставници на Српска листа. Нормално сме разговарале со секој пратеник и со Далибор Јевтиќ кој е вицепремиер на Косово, но и со пратеници од другите албански политички партии во Парламентот на Косово кои се во опозиција, изјави Хоџај за Тв Клан Косова.

Хоџај гласот за демаркацијата го смета како најзначаен.

– Гласот за ратификација на договорот е еден од најзначајните во Парламентот на Косово. Беше тема која го подели нашиот политички живот поради разни причини, но по изјавата што ја потпшаа двајцата претседатели, на Косово и на Црна Гора, Албанците и другите не треба да се двоумат да го гласаат договорот, порача Хоџај, од Ерусалим каде е во официјална посета.

Тој посочува оти е оптимист дека утре договорот ќе биде ратификуван, но сепак не сака предвреме да прејудицира какво ќе биде гласањето.