Конференција за предизвиците во образованието на наставниците


Образованието на наставниците како еден од условите за квалитетен образовен процес беше тема на конференцијата „Образовни реформи: предизвици и перпскетиви во образованието на натавниците“ што денеска се одржа во Скопје во организација на Фондацијата Отворено општество Македонија.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска истакна дека образованието на наставниците е битно не само за квалитетот на процесот во образованието, туку и за нивниот статус.

– Во делот на ова прашање презедовме мерки со коишто сакаме да стимулираме најдобрите ученици да се запишуваат на факултетите коишто образуваат идни наставници. Владата донесе одлука за стипендирање на учениците коишто ја примале стипендијата за талентирани ученици доколку продолжат да студираат на еден од факултетите коишто се педгошки или образуваат наставници да можат да продолжат да земаат стипендија уште првата година без да се стават дополнителни услови. Исто така, во рамки на законите за основно и средно предвидуваме водење сметка за кариерниот развој на наставниците и нивната постојана континуирана едукација, рече Десксоска.

Таа меѓу другото посочи дека во контекст на подобрување на статусот на наставниците се и измените што ги предложиле во Законот за основно, а ќе бидат вметнати и во Законот за средно со кои ќе се гарантираат одредени слободни денови на наставниците во текот на зимскиот распуст, бидејќи како што рече, овој систем којшто постоеше досега се сведуваше на систем на малтретирање на наставниците отколу на некаква реална активност кога ученици немаше во училиштата. Потсети дека од септември во буџетот веќе се испланирани и средства за зголемување на платите на наставниците, тренд којшто очекува да продолжи и во наредните неколку години.

Во поглед на квалитетот на образовните програми за едуцирање наставен кадар таа рече дека во Законот за високото образование ставени се одредби коишто даваат поголема слобода на педагошките факултети во однос на другите самите да ја регулираат својата програма како и соодносот на предметите – на задолжителните и изборните кои најдобро ќе одговараат на профилот на наставникот.

Елизабета Секирарска од Управниот одбор на ФООМ во однос на подигање на статусот на наставниците рече потребно е наставниците да бидат активни чинители и партнери во процесот на градење на реформите пред да се случат имајќи го предвид досегашното искуство.

– Праксата и ефектите кои за жал допрва ќе ги гледаме покажуваат дека беа избрзани недоволно осмислени, нереализирани без сочекување на една реформа за да ги видиме ефектите па да почнеме со наредната, туку некако се натрупаа и се соочивме со прилично комплексен проблем. Така се случи образованието наместо да биде еден од најстабилните општествени потсистеми стана генератор на проблеми во сите други општествени сфери…Тука треба да се спомене за никогаш да не се повтори феноменот на екстерното тестирање кој кај нас се спроведе во ендемски формат како никаде во светот и остави навистина длабоки последици, и е причина број еден кока го доведе во прашање кредибилитетот на целиот систем, рече Секирарска.

Според податоци од истражувањето презентирани на конференцијата во Македонија има околу 20-тина факултети за едукација на наставен кадар и 71 студиска програма. На пет од факултетите се образуваат кандидати за оделенски наставници, а на останатите за предметни наставници.