Конструктивен дијалог во Охрид: Дваесетина собраниски правила одат на ревизија


Пратеничките прашања ќе се динамизираат и ќе зачестат, се ограничува времетраењето на конститутивната седница, се додаваат денови за изјаснување за амандмани на буџетот, интерпелациите против носители на функции нема да се чуваат веќе во фиока, а донесувањето закони по скратена постапка ќе биде дозволено само во вонредни ситуации.

Ова се дел од прашањата околу кои во наредниот период ќе се подготвуваат измените во собранискиот деловник, за што наскоро треба да се формира работна група во законодавниот дом за реформирање на собраниските процедури. Тоа е исходот од дводневните разговори во Охрид меѓу претставници на сите пратенички групи во Собранието, во рамките на процесот „Жан Моне“. Информациите се дека средбата во Охрид, каде што присуствуваа и тројцата европарламентарци кои беа вклучени во дијалогот во Пржино, поминала во конструктивна атмосфера.
Иако овој настан падна во сенка на последниот развој на настаните околу преговорите за името, оценката на дел од присутните во Охрид е дека се договорени значајни механизми за подигнување на нивото на дебата во законодавниот дом, за негова независност и поголема контрола врз извршната власт, за олеснување на комуникацијата меѓу пратениците од различни политички опции и за порамноправен третман на опозицијата. И најважно од сѐ е дека е постигната согласност околу промена на процедурите во насока на превенирање во иднина на немили настани, како на 27 април 2017 или на 24 декември 2012 година.

Првата сесија од дијалогот „Жан Моне“ финиширала со заеднички документ што го потпишале координаторите на сите пратенички групи. Според информациите, пратениците се вратиле од Охрид со усогласен текст на етичкиот кодекс, кој треба наскоро да влезе во собраниска процедура, а кој, главно, третира прашања во однос на избегнувањето судири на интереси и одговорност на пратениците, како и на функционерите избрани од парламентот.

Што се однесува до собранискиот Деловник, информациите се дека е утврден сет од дваесетина теми што ќе одат на ревизија. Основно е тоа дека е определен рок од точно три дена за завршување на конститутивната седница на парламентот – која треба да финишира со избор на спикер. Оваа новина доаѓа како резултат на лошото искуство со четиримесечното одолговлекување на конститутивната седница на актуелниот парламентарен состав и изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на 27 април минатата година.

Уште едно од прашањата што треба да се уредат е скратената постапка за донесување закони, за што, по низа сугестии од меѓународни фактори, сега се доближени ставовите и меѓу партиите дека треба да се користи многу ретко и да се оди на тоа повеќето закони да се носат според редовна процедура. Во наредниот период, пратениците треба да утврдат и рок во кој Собранието ќе мора да се произнесе за интерпелација поднесена против некој функционер, за да се избегнат ситуации како досега кога со месеци не се отвора расправа за поднесена интерпелација.

Со престојаните измени на Деловникот треба да бидат и опфатени и пратеничките прашања, со тоа што секако ќе има уште еден ден во текот на месецот кога министрите ќе треба да даваат „отчет“ пред народните избраници. Само треба да се утврдат модалитетите како ќе се уреди тоа, односно дали ќе се остави простор за тематски седници за пратенички прашања или, пак, посебен ден кога само опозицијата ќе ги распрашува министрите…
Усогласени се ставовите во однос на однос на потребата од продолжување на амандманската расправа за буџетот на дополнителни три од досегашните десет дена. Целта на оваа новина е да се остави простор матичната комисија да се произнесе за сите поднесени амандмани. Засега остануваат отворени прашањата за имунитетот на пратениците и за времетраењето на дискусиите за законите. И овие теми се дел од сетот што ќе го договара работната група што треба да се формира.

Сепак, моментно кај СДСМ не постои расположение за прифаќање на предлогот ан ВМРО-ДПМНЕ за одземање на имунитетот на пратеник со двотретинско мнозинство и за оставање простор за негово враќање. За ВМРО-ДПМНЕ, пак, не е прифатлив предлогот на СДСМ расправата и гласањето за одреден закон да се ограничи на максимум три дена, за што аргументацијата на мнозинството е дека на тој начин ќе се избегнат опструкции и маратонски расправи за некои законски решенија. (А.М.М.)