Колинда стана почесен граѓанин на Берат


Претседателката на Хрватска стана почесен граѓанин на албанскиот град Берат.

Признанието,за кое едногласна одлука донесе Советот на општината пред два дена,на посебна свеченост, попладнево и го врачи градоначалникот, Петрит Синај.

Заблагодарувајќи се, таа Берат го нарече непроценливо богатство заштитено од УНЕСКО.

Хрватската претседателка посочи дека Албанија и Хрватска секогаш имале блиски односи, историја без конфликти и секогаш си помагале еден на друг како народи.

-Големо задоволство е што сум тука и огромна чест да го добијам ова признание со кое станав граѓанин на вашиот преубав град,кој е скапоцено богатство, заштитено од УНЕСКО. Денеска зборував за нашите истории. Ние имаме илјадници години историја без никаков конфликт, имаме многу заеднички работи,освен Јадранското Море. Има многу нешта за минатото меѓу нас, но јас ќе се фокусирам на сегашноста. Вие не поддржавте во 90-тите години. Денеска сме сојузници во НАТО, Хрватска ќе ве поддржи во европската интеграција, политиката и другите области. Да работиме за иднината на нашите деца и на ЕУ, рече таа.

Во придружба на нејзиниот домаќин претседателот Илир Мета таа направи и обиколка на градот,кој располага со многу значајни културно историски споменици и се смета за најпосетен град од странски туристи.

Претходно престојуваше и во Драч,каде промовираше почеток на проект за заштита на животната средина, при што упати апел за поголема грижа за заштита на Јадранско Море од сите земји кои поседуваат дел од него.