Како најава за албумот: Трифун Костовски промовираше шест нови песни


Во пријателска атмосфера, после работа, со стари и нови пријатели, и претставници на медиумите, бизнисменот и поранешен скопски градоначалник Трифун Костовски (71), синоќа, во кафулето „Мистер Џек“ ги промовираше шесте нови песни од новиот албум кој е во подготовка.

Станува збор за балади, некои од нив со рецитали, на авторите Григор Копров и на Александар Митевски, текстовите ги напиша Огнен Неделковски, а аранжманот е на Владимир Дојчиновски. На промоцијата за соработката сите тројца зборуваа, а ја водеа актерот  Драган Спасовски-Дац и водителот и автор Драган Б. Костиќ.

На промоцијата, воедно, се одбележа јубилеј -18 години од хитот „Срце тетовирано“ во изведба на Костовски и Митевски.

Новиот албум кој се снима во студиото „Торус“ на Митевски, треба есенва да биде промовиран.

-Ја сакам музиката и ја разбирам. Новиот албум ќе содржи песни со музика која ми лежи и која ќе ја интерпретирам на мој, специфичен начин.Претежно ќе бидат балади во комбинација со рецитал, ни изјави пред промоцијата Костовски.

Бизнисменот кој во текот на животот ги подржуваше македонскиот спорт, и култура и имаше политички амбиции, секогаш истакнуваше дека музиката му е хоби и задоволство.

„ Пропеав на 50 години, и не ми беше лесно да го направам тој чекор. Музиката е нешто посилно од мене. Од семејството и пријателите ја имам сета поддршка, очекувам и на публиката да и се допаднат новите песни, зашто ги пеам од душа, вели Костовски.

Летово, во рамките на поп  -вечерта, Костовски имаше свое шоу на годинешниот „Охрид фест“, како голем љубител и подржувач на музиката и на фестивалот. (Л.С.)