Каевски: Поканата на ФФМ за АМС беше како да правите свадба, а да нè викнете дента


èАгенцијата за млади и спорт (АМС) беше поканета на вонредното Генерално Собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) колку да биде поканета. Ова е став на директорот Дарко Каевски кој изразува незадоволство од третманот што го добила институцијата со која раководи за настанот во неделата во хотелот „Горица“ во Охрид.

„Поканата на ФФМ до АМС беше како да правите свадба и да ме викнете дента“, изјави Каевски за „Независен Весник“.

Ова го образложи со тајминзите на закажување на Собранието, на неговото одржување и на доставената покана до Агенцијата на млади и спорт.

„Досегашна пракса за Собранијата на ФФМ беше да добиваме покана на десетина дена до две недели пред настанот. И тоа не бланко покана како сега туку покана со материјали и период од неколку денови за нивно разгледување. Поканата овојпат е доставена во четвртокот, на 6 декември пред крај на работното време во 16 часот. Минала низ архивата и кај мене во канцеларија била донесена во петокот. Јас во петокот не бев на работа, бев на пат, но неважно е тоа. И да не бев на пат во рамки на мојот одмор, и да ја видев поканата во петокот, ние пак немаше да присуствуваме на Собранието затоа што едноставно не можеме да се подготвиме“, дециден е Каевски.

АМС како гостин или како имплементатор на Законот за спорт?

Односот на ФФМ во конкретниот случај, според првиот човек на АМС, во најмала рака е невкусен и нелогичен. Притоа остава простор за дилема дали поканата е суштина или само форма.

„Не знам дали од нас се бара да бидеме на Собрание на ФФМ во својство на гости и во својство на имплементатори на законот за спорт. Ако е ова второто, тогаш ние мора да бидеме подготвени бидејќи во неделата се расправаше за работи за кои не може да се импровизира. Или сме подготвени да дискутираме и дебатираме и да го браниме она што треба да се брани или вака не. Фудбалската федерација на Македонија на 9 ноември закажала вонредно Собрание за 9 декември, а нас нè известуваат на 6 декември. Невкусно и нелогично и пример како не треба да биде“, категоричен е директорот на АМС.

Немавме документи на увид

На ден пред Собрание (саботата беше неработен ден), според него, е невозможно да се разгледаат материјалите, да се направи споредба со законската регулатива и со Статутите на УЕФА и на ФИФА со кои треба да биде усогласен и на ФФМ. Вака АМС била ставена во пат позиција, со непознати интервенции што се планираат, а со тоа и во неможност да се реагира и да се изнесат конкретни забелешки доколку се воочиле.
„Досега, како што и претходно кажав, имавме документи на увид за нешто што се планира на десетина дена или две недели порано. Овојпат не добивме материјали. Ако нè викаат, треба да ни дадат и неколку дена за разгледување на материјалите. Да видиме кои делови од Статутот се предмет на измени и дополнувања, дали треба да се усогласат со закон, дали не треба да се усогласат, што е усогласено, па направиме споредба со Статутите на УЕФА и на ФИФА. Бидејќи надвор од тоа што треба да биде усогласено со Агенцијата за млади и спорт, треба да биде усогласено и со тие две институции“, коментира Каевски.

За легитимноста на делегатите е надлежен Централен регистар

Агенцијата за млади и спорт е изземена од надлежност за легитимноста на делегатите на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија. За тоа кои делегати присуствивале, кои се легитимни, а кои не, Каевски упатува на Централниот регистар.

„Ние може да дискутираме кои општински фудбалски сојузи се членки на Собранието на ФФМ, дали одржале Собрание, како го одржале, кога го одржани, каде го одржалем, итн. Во однос на легитимитетот на делегатите, за тоа е надлежен Централен регистар и Министерството за правда. Наша надлежност е дали ОФС е членка или не е членка на Федерацијата“, појаснува Каевски.

Собранието едногласно како и секогаш, измените и дополнувањата усвоени за помалку од еден час

Фудбалската федерација на Македонија во неделата во Охрид одржа вонредно Генерално Собрание во отсуство на претставник на Агенцијата за млади и спорт. Во својство на претставник на Европската фудбалска федерација (УЕФА) наместо Давор Шукер или друг член на Извршниот комитет, се појави Денис Баштари од Фудбалската федерација на Албанија кој е член на одделот на УЕФА за развој на Национални федерации како менаџер за „хет-трик“ програми.

Од вкупно 96 делегати колку што брои Собранието на ФФМ, присуствуваа 88 кои беа едногласни за измените и дополнувањата на Статутот што беа предложени во насока на избор на нов претседател на организацијата. Седницата траеше околу еден час без притоа да биде закажан термин за вонредно Изборно Собрание за избор на наследник на Илчо Ѓорѓиоски кој летоска поднесе неотповиклива оставка на функцијата.