И Мицкоски оди во Софија


Нема најава за лидерска средба пред важниот состанок на премиерите на Македонија и на Грција во четврток во Софија. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера ја прекина посетата на Италија, која требаше да трае до вторник за да се информира за текот на преговорите за името. Побара лидерска средба на која би учествувале првите луѓе на најголемите политички партии во земјава плус претседателот Ѓорѓе Иванов, но не доби потврден одговор од премиерот Зоран Заев.

„Тоа што Зоран Заев одбегнува лидерска средба оддава впечаток дека нешто се крие од јавноста. Дотолку повеќе што и не се кажува вистината кога од таму се вели дека навремено информирале за деталите од разговорите, нешто што и овој пат се докажува дека не е вистина. Зоран Заев нема монопол за одлука врз прашање кое што подеднакво ги засега и политички определените, но и оние кои тоа не се. Заев нема монопол за одлука врз прашање кое што ги засега сите граѓани на Република Македонија. Дополнително, претседателот Мицкоски до сега не е контактиран од Владата за било каков термин за евентуална лидерска средба, со оглед на тоа дека усогласувањето на термин за лидерска било проблем. За да нема подоцнежна алиби игра од власта, кажуваме дека секој термин за лидерска средба е прифатлив, освен среда, кога претседателот Христијан Мицкоски е на Самитот на Европските народни партии во Софија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“.

Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе се сретнат во главниот град на Бугарија еден ден подоцна, односно во четврток и тогаш ќе се види дали двете земји постигнале компромис, со оглед на тоа што македонскиот премиер најави дека ако јавноста чуе за нивна нова средба, тоа значи оти има шанси да се постигне достоинствено решение за државата. (Г.А.)