Иринеј: СПЦ не ја признава Украинската православна црква


Српската православна црква (СПЦ) нема да ја признае „новата црква“ создадена во Украина, изјави патријархот на СПЦ, Иринеј за ТВ Русија 1.

-Тие испратија покана, но ние одговоривме дека не сакаме да присуствуваме. Ние нема да ги признаеме, одговорил Иринеј на прашањето дали добил покана од украинскиот митрополит Епифаниј да присуствува на устоличувањето.

Минатата недела Иринеј за време на состанокот со Патријархот Московски и на цела Русија, Кирил изјави дека она што се случува со Православната Црква во Украина наликува на бомба фрлена врз сопствената куќа.

-Украина е големо искушение, искушение за Православието воопшто. Тоа е од голема важност, бидејќи се однесува на центарот на Православието. Тоа не е нешто што е надвор, туку феномен што се случува во нашата куќа, одвнатре. Веројатно оние што планираат зло против Православието добро размислиле, а она што се случува во Украина е како фрлање бомба во нашата куќа, рече српскиот патријарх Иринеј.

Новоизбраниот поглавар на Украинска православна црква, митрополитот Епифаниј Први вчера официјално ја презеде должноста во Соборната црква Света Софија во центарот на Киев, еден месец откако украинската црква се оддели од Руската православна црква.

На церемонијата присуствуваа и украинскиот претседател Петро Порошенко, како и неговата политичка опонентка Јулија Тимошенко, претставници на други верски организации во Украина, меѓу кои и преставник на Цариградската православна црква, митрополитот галијски Емануил.

За Руската православна црква Украинската православна црква е расколничка и изразува сомнеж дека другите помесни цркви ќе го признаат Епифаниј. Портпаролот на Руската православна црква свеченоста во Киев ја оцени како „патетична претстава“.

На почетокот од минатиот месец вселенскиот патријарх Вартоломеј на украинскиот митрополит Епифаниј во Истанбул му предаде томос – декрет за афтокефалност, со кој новата Православна црква во Украина е независна од Руската православна црква.