Иниеста: Дојдов како момче, заминувам како возрасен маж


Андрес Иниеста на „Камп Ноу“ го одигра последниот натпревар во кариерата во дресот на Барселона.

Победата од 1:0 против Реал Сосиедад, но и цела шампионска прослава му беше посветена нему, а потоа 34-годишниот фудбалер откако се прости со навивачите и соиграчите сам во потполна тишина седеше на центарот од стадионот.

Иниеста помина повеќе од две децении во Барселона, а со солзи во очите го одржа и последниот говор.

– Денеска беше навистина тежок ден, но кој му претходеа фантастични 22 години. Ми беше задоволство и се гордеам што го претставував и бранев овој грб, кој за мене е најдобриот во светот. Им благодарам на сите мои соиграчи, многу ќе ми недостигаат. Им благодарам и на сите навивачи, за љубовта и за се останато што ми го даваа откако дојдов овде како момче, а сега си заминувам како возрасен маж, засекогаш ќе бидете во моето срце. Оваа недела останав без зборови, истакна Иниеста.

Тој кариерата во Барселона ја започна во 1996 година во нејзините младински категории, а по шест години стана и дел од првиот тим. Иниеста најверојатно кариерата ќе ја продолжи во јапонскиот клуб Кобе.