Икарди со нови обвинувања кон Интер


Според „Ла Република“, стрелецот на „нероазурите“ лично се сретнал со претседателот на клубот, Стивен Жанг. Во разговорот аргентинскиот репрезентативец изразил незадоволство од ситуацијата на „Џузепе Меаца“, што било прифатено како директен напад кон извршниот директор Џузепе Марота и спортскиот директор, Пиеро Аусилио.

– Никогаш не сум си дозволил да се однесувам без почит кон било кого. Сум учествувал во речиси сите тренинзи, секогаш сум го давал максимумот и досега не сум бил обвинет за непрофесионализам. Лишувањето од капитенската лента беше бесмислено понижување, немаше никва смисла, споделил Икарди пред шефот на Интер, цитиран од италијанското издание.

Вестите доаѓаат во позадина на информациите на „Скај Спорт Италија“, според кои напаѓачот конечно ќе продолжи со тренинзите под водство на Лучано Спалети. Официјалната верзија беше дека Икарди бил измачуван од повреда на коленото и затоа тој не играл повеќе од еден месец.

За последен пат, тој беше на теренот во победата со 1:0 над Парма на „Енио Тардини“ на 9-ти февруари. Потоа дојде скандалот со капитенската лента и Икарди одби да игра против Рапид Виена во Лигата Европа. Во подоцнежната фаза, „нероазурите“ објавија дека нивната ѕвезда има повреда, и затоа не влегува во групите за натпреварите.

Се верува дека Икарди и шефовите на Интер се скарале поради неуспешните преговори за обновување на договорот. Двете страни не можат да разберат со месеци. Договорот на напаѓачот е до летото 2021 година.